Нострадамус „предвидел“ дека текстот е чиста измислица

 

(Рецензија: Нострадамус – еден човек кратко ќе владее со Македонија и ќе проба да ја уништи народот ќе ја спаси)

 

Текстот е целосна измислица, напишано е нешто што воопшто не е вистина и не постои, а со тоа се манипулира јавноста, давајќи ѝ погрешна слика за одредени случувања од сегашноста.

Во написот се споменува „цар кој сака да го смени името на Македонија“ и иако не е напишано името на премиерот Зоран Заев, целосно е провидно дека се работи за него.

Линк до текстот: Нострадамус – еден човек кратко ќе владее со Македонија и ќе проба да ја уништи народот ќе ја спаси

Датум на објавување: 18.10.2018

Датум на рецензирање: 25.10.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Во текстот се вели „во модерното време“, што е првата сопка за вистинитоста на текстот. Нострадамус никогаш не пишувал конкретно време и неговите стихови можат различно да се толкуваат. Тој, исто така, многу ретко пишувал имиња на земји, а локациите најчесто ги опишувал преку географската местоположба.

Нема никаков доказ дека во своите книги тој многу пати ја споменува и Македонија.

Доколку навистина постои ваков дел за Македонија, нејасно е зошто тој не во стихови. Неговите пророштва биле пишувани како катрени, односно строфи од четири реда во вид на стихови и загатки. Во написот каде се тврди дека Нострадамус пишувал за Македонија, текстот кој навидум го напишал Нострадамус не е во стихови, туку е прозен текст што не било случај со творештвото на јасновидецот.

Освен тоа, катрените на Нострадамус не се хронолошки наредени, па често е невозможно некое пророштво да се поврзе со конкретен историски настан. Всушност, повеќето од пророштвата на Нострадамус се слабо преведени, неодредени и нејасно формулирани со што се отворени за разни читателски толкувања и интерпретации што остава доволно простор да се поттикнат еден куп шпекулации.

Постојат многу толкувачи на Нострадамус, а повеќето од нив различно толкуваат дури и еден ист стих кој се однесува на иднината токму поради нејаснотијата на неговото пишување.

Наводниот текст од Нострадамус за Македонија е полн со конкретни случувања, кои се поврзуваат со сегашната ситуација во државата. Но, ова воопшто не е стилот на пишувањето на овој филозоф.

Сосема надвор од сите новинарски правила е измислувањето текстови со цел влијание на јавното мислење. Особено е неетички ваквото пишување и поврзување со дневно-политички настани кои имаат за цел да го наведат читателот на погрешен заклучок и став.