Новинарот им должи објаснувања на читателите

Screenshot nga lajmi që recensohet

Скриншот од веста која се рецензира

Годишнината од изборот на локалната самоуправа, промената на општинските администрации и луѓето што ги водат – пригоден момент за новинарите да направат споредба помеѓу ветувањата и нивното исполнување. Едногодишниот период, како на новинар, ви овозможува да имате список на факти и докази за извршените работи, оние што останале незавршени и оние кои се уште не се започнати. Наведувањето на овие факти ги елиминира написите каков што е случајот со написот што е предмет на рецензијата, кој што нема докази, извори и прави генерализирање. Само во таков случај, читателот се информира со реалната ситуација.

Рецензија: Каде е Теута Арифи, Тетово без вода и асфалтирани улици!

Датум и време на објавување: 29.10.2018

Датум на рецензија: 30.10.2018

Рецензент: Фатљуме Дервиши

 

Многу заклучоци од четири празни реченици

Во напис со четири реченици, читателот не добива никакви информации освен тоа дека поминала една година од владеењето на Теута Арифи со градот Тетово во вториот мандат по последните локални избори, дека Тетово нема вода, дека нема асфалтирани улици и дека нема канализација. Наведените проблеми, за кои што во написот се вели дека се соочуваат граѓаните на Тетово, се суштински, некои дури и од витално значење, а вниманието кое што им го посветува новинарот е многу ниско. Проблемите се на место, но не се обработени како што треба.

Повеќе извори, поголема веродостојност

Известувањето на овој начин е многу генерализирано и се добива впечаток дека сите населби и граѓани на општина Тетово се соочуваат со овие проблеми. Дури и да е така, недостасуваат уверливи податоци, недостасуваат податоци кои би го надополниле текстот и би ги поддржале зборовите на авторот. Во текстот дури не се кажува дали се направени обиди да се дојде до некоја конкретна информација која што вреди да им се пренесе на читателите како истражување од страна на авторот, пред да ги “напише на хартија” своите заклучоци.

Етички кодекс на новинарите

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Што недостасува за читателот?

Со други зборови, тоа што го пишува авторот, ќе беше поубедливо за читателот кога би се цитирале најмалку 2-3 лица кои што „патат“ од недостигот на вода, 2-3 возачи кои ги оштетиле своите возила поради неасфалтирани улици, слики од калливи улици, 2-3 жители на населба кои што се жалат на мирисот на отпадни води поради немање на канализација.

На тој начин би се отсликала реалната ситуација од теренот, конкретните населби, имињата на селата и улиците кои ги набљудувал авторот. За комплетирање на приказната или анализата за едногодишната работа на општинската администрација, авторот треба да го потсети читателот и за ветувањата на градоначалничката Арифи и дека не се почитувани (доколку не се почитувани), конкретните рокови за исполнување на ветувањата. И најпосле, читателот ќе биде „сит“ кога би се побарала одговорност и објаснување од властите кон кои е насочен прстот.

Вообичаено, ваквите теми допираат побрзо до читателот, бидејќи обработуваат секојдневни прашања кои што ги засегаат сите. Затоа, како и за сите други теми, неопходно е новинарот до крај да ја заврши неговата работа, да прикаже факти, за читателот да има што да чита.