Новинарот не смее да генерализира и да поттикнува омраза

[Рецензија: ВИДЕО: Мигрант се обидел да силува девојчиња во Скопје]

Текстот кој е предмет на оваа рецензија е предлог на наш читател кој вели: „Почитувани, би сакале да ви укажеме дека во текот на вчерашниот ден е објавена вест на повеќе портали, со наслов “Мигрант се обидел да силува девојчиња во Скопје”. По прегледувањето на видеото од прилогот може да се види јасно дека се работи за македонски државјанин кој што бил пријавен во полиција и било утврдено дека не се работи за странец. Сметаме дека објавувањето на вакви наслови придонесува за зголемување на ксенофобијата кон мигрантите.

Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Мигрант се обидел да силува девојчиња во Скопје

Датум и време на објавување: 30.06.2019

Датум на рецензирање: 04.07.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Нашиот читател е во право со констатацијата дека преку насловот на текстот се поттикнува нетрпеливост кон мигрантите.

Средовечен маж кој се преставува како емигрант среде бел ден се соблекува гол, сексулано вознемирува девојчиња, манијачи по влезови, напаѓа и краде златен накит, раскажуваат револтирани граѓани од неколку згради во центарот на Скопје, пишува А1он.

Написот вели дека средовечен маж кој се претставува како емигрант, вознемирува жители во центарот на Скопје.

Станува збор за текст претходно објавен на интернет порталот А1он за човек што се претставува себе си како мигрант, но, всушност, според сознанијата на граѓаните, е деликвент кој ѝ е добро познат на полицијата и кој има досие за кражби и разбојништва.

Она што е спорно во написот на „Курир“ е што не се осврнува на вистинските проблеми, туку нагласува дека „мигрант се обидел да силува девојчиња во Скопје“, иако не е никаде потврдено дека навистина станува збор за мигрант. Но, и да станува збор за мигрант, тоа не треба да се потенцира, бидејќи на тој начин се прави квалификација на одредена група на граѓани, односно преку една личност се поистоветуваат сите. Со што се дискриминира една и онака ранлива група.

Новинарот мора да избегнува да генерализира по основ на раса, пол, возраст, вероисповед, етничка припадност, место на живеење, сексуална ориентација, хендикепираност, физички изглед или социјален статус.

Наместо да се занимава со квалификации и поттикнување омраза кон мигрантите, написот можел да се осврне на суштинскиот проблем во оваа приказна. Кој е човекот, дали е бездомник, дали е душевно нестабилен, дали полицијата има сознанија за него и дали надлежните инситутции реагирале? Ова се прашањата кои новинарската статија треба да ги истакне и на кои треба да понуди одговори, а не да шири омраза и нетрпеливост кон мигрантите.

Новинарот треба да ја проверува точноста на информациите од што е можно повеќе извори и да биде крајно претпазлив да не прави грешки од невнимание. Намерното искривување на фактите, пак, е апсолутно недозволиво во новинарството.