Новинарот не смее да прејудицира вина

[Рецензија: KPИMИHAЛ ТЕЖОК 19 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ПИОМ: ДУИ „здрвиле“ 19.000.000 евра од пензионерите – никој не знае каде се, ќе ги враќаме сите!]

 

Текстот што е предмет на оваа рецензија е коментаторски во голем дел. Во него недостигаат суштинските информации. Наместо тоа, написот се повикува на фејсбук-статус и преку него  се тврди дека некој сторил криминал, иако тоа не е докажано.

Линк до оригиналниот напис: KPИMИHAЛ ТЕЖОК 19 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ПИОМ: ДУИ „здрвиле“ 19.000.000 евра од пензионерите – никој не знае каде се, ќе ги враќаме сите!

Датум и време на објавување: 27.1.2019

Датум на рецензирање: 29.1.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

 

 

Самиот наслов на текстот е дискутабилен и проблематичен, односно, тој е спротивен на новинарските правила. Во него се тврди дека „ДУИ здрвиле 19 милиони евра од пензионерите“. На тој начин се прејудицира вина и се посочува со прст кон една политичка партија, што не е коректно. Дури и да е точно дека ДУИ направила криминал, не е можно тоа да биде направено без знаење на коалицискиот партнер од тоа време, ВМРО-ДПМНЕ. Значи, вината не може да се насочува само кон една партија. Понатаму, како виновник не може да се посочува цела партија, туку станува збор за одредени функционери од ДУИ. Но, и во ваков случај не може да се прогласат за виновни, сè додека не се докаже. Кога се прави новинарски текст за криминал за кој не е ништо докажано, мора да се биде многу претпазлив и да се почитува пресумпцијата на невиност. Тоа во овој напис не е сторено.

Во написот уште на самиот почеток како виновник се посочува ДУИ и веднаш се пренесува фејсбук-статус на аналитичарот Александар Пандов:

На волку кpaдeњe и апашлук стварно не знам како уште воопшто функционира уште државава. Kpaдeлe сите предтходни, али како xунтaвa никој и никад. Како за последно да е се натпреваруваат, кој повеќе ќе цицне. Овој пат 19.000.000 € здрвиле ДУИ од пензионерите, а ќе ги враќаме сите, во духот „едно општество за сите”. Има ли крај на овој национален и финансиски гpaбeж?

И целиот текст завршува на тој коментар. Во написот не е посочено дека коментарот е поттикнат од пресот на министерката за труд и социјални работи, Мила Царовска, која обелодени дека на 12 илјади вработени, осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и идни пензионери, кои се во двостолбниот пензиски систем повеќе години не им биле префрлани средствата во вториот столб, со што секој од нив поединечно изгубил околу 400 илјади денари.

Според неа, тоа се случувало во периодот од 2007 до 2018 година. За тој период, како што пренесоа дел од медиумите, на раководни позиции во пензискиот фонд биле функционери на ДУИ. Министерката Царовска на прес-конференцијата  не сакаше да коментира на што се должи ваквото непрефрлање на средствата на осигурениците и кој е одговорен. Царовска само рече дека сите документи ќе бидат доставени до Јавното обвинителство.

Според тоа, новинарот не може со сигурност ништо да тврди сè додека судот не докаже кој е виновен за овој криминал за кој постојат индиции во Министерството за труд и социјална политика.

Текстот е манипулативен и има цел да оцрни конкретна политичка партија, без никакви докази, што е недозволиво во професионалното новинарство. Индиции постојат, новинарот може да ги пренесе, исто така, може да пренесе и коментари, но не и да тврди дека некој е виновен. За тоа има судови и обвинителство.