Новинарот не смее да шири суеверие

[Рецензија: ЧУДАТА НА БОГОРОДИЦА: Немо дете муслиман прозборе откако мајка му се поклони пред иконата]

 

Текстот што го рецензираме шири суеверие, а тоа не е задача на новинарството. Новинарот треба да информира, а не да промовира религиозни верувања.

Линк до оригиналниот напис: ЧУДАТА НА БОГОРОДИЦА: Немо дете муслиман прозборе откако мајка му се поклони пред иконата

Датум и време на објавување: 07.03.2019

Датум на рецензирање: 12.03.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Овој напис е проблематичен од неколку аспекти. Прво, тој е ставен во рубрика „Вести“,  каде што би требало да се објавуваат сериозни работи, а не написи поврзани со суеверија и народни верувања. Ваков текст би можел, евентуално, да се објави во категорија „Занимливости“.

Второ, текстот пишува дека, наводно, немо момче од муслиманска вероисповед проговорело откако неговата мајка се помолила на иконата на Богородица. Намерно е нагласено дека момчето било муслиман за да се убеди читателот дека иконата е толку моќна, што лечи и муслимани, а не само православни! Едно со друго нема врска. Очигледно е дека тоа е намерно така направено за да се привлечат што е можно повеќе кликови.

Понатаму, веста содржи само еден извор, отецот Крцев.

Бројни се чудата кои ги лачи Богородица. Уште на самиот почеток беа дојдени наши браќа Македонци муслимани од Струга. Нивното 18- годишно момче беше немо. Откако заедно со мајка му се поклониле пред иконата и тргнале да се враќаат назад, момчето се сопна од еден од фундаментите и на цел глас викна мамооо! Тогаш мајката првпат го слушнала гласот на своето чедо. Го повика мажот и, кој чекаше надвор, и тројцата силно се прегрнаа, а на радоста и немаше крај, раскажува отец Крцев.

Немаме потврда за ваквата информација. Од каде да знаеме дека момчето навистина било немо и проговорело откако неговата мајка се помолила на иконата? Зошто на пример, новинарот не се обидел да го најде тоа семејство, да поразговара со родителите на момчето, да ја потврдат информацијата. Дали има можеби некаков лекарски извештај за здравствената состојба на момчето пред и по молитвата? Каде се фактичките докази? Во написот нема ништо такво, само една приказна која се раскажува меѓу народот.

Новинарот, исто така, можел да разговара со теолози на оваа тема, не само да остави приказната да лебди во воздух и да се убедува читателот во нешто за што не постои основа дека е вистинито.

Мора да се напомене дека едно од основните права на човекот е да се определува религиозно и да верува во што сака, но кога новинарот промовира некакви религиозни верувања и шири суеверија, тогаш тоа е веќе проблем. Новинарот треба да информира за работи од јавен интерес, за нешта кои ги засегаат пошироките народни маси и притоа треба да биде објективен и да користи што е можно повеќе извори на информации. Овој текст, за жал, не е таков.