Новинарот не смее да суди, тој треба да информира

 

[Рецензија: Славески со народни пари ќе купува џип вреден 20.000 евра]

 

Текстот што го рецензираме му нуди на читателот информации добиени од „свои извори“, но таквите информации не се проверени од ниту една друга страна и поради тоа написот може да се квалификува како „рекла-кажала“ текст.

Линк до оригиналниот напис: Славески со народни пари ќе купува џип вреден 20.000 евра

Датум и време на објавување: 21.11.2018

Датум на рецензирање: 26.11.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Стојан Славески, одлучил дека за да ги заврши своите службени обврски, морал да се вози во џип што не смее да биде поевтин од 20.000 евра.

Ова е главната информација во текстот. Таа претставува директен удар врз директорот Славески и негово обвинување за злоупотреба на службената положба. За вакво обвинување, новинарот треба да има цврсти докази, кои ќе ѝ ги презентира на јавноста. Во спротивно, може да се соочи со тужба за клевета.

Но, во написот што е предмет на оваа анализа, наместо цврсти докази, новинарот нуди „рекла-кажала“ разговори и неофицијални информации добиени од „свои извори“.

Од извори од Дирекцијата, неофицијално дознаваме дека директорот вршел притисок врз претседателот и членовите на Комисијата за јавни набавки како знаат и умеат да ја направат спецификацијата за набавка на ново возило да одговара на еден модел на џип, кој на Славески најмногу му се допаѓал, а тоа е hyundai tucson.

Штом информациите се неофицијални, тие мора да бидат проверени и да се направи обид да се добие официјална информација. На пример, новинарот можел да побара изјава од некој од Комисијата за јавни набавки, како и директно од директорот Славески.

Исто така, се дознава дека првиот обид за набавка на вакво возило пропаднал, бидејќи членовите на Комисијата за јавни набавки во Дирекцијата во последен момент сфатиле дека не сакаат да ризикуваат заради комодитетот на директорот, па од „технички“ причини во последен момент е поништен конкурсот. Но во втор обид тие добиле јасни инструкции дека возилото што ќе се купи мора да биде hyundai тucson и ништо друго.

Тврдењата се поткрепуваат со наводно поништување на првиот конкурс зашто директорот Славески сакал да вози џип „хјундаи тусон“, а спецификациите за тој џип не биле наведени во конкурсот. Меѓутоа, она што недостига се деталите од двата тендера на Дирекцијата за набавка на возило. Во написот нив ги нема, па според тоа читателот не може да биде уверен дека она што се пишува е вистина.

Доколку се објавени набавките, читателот би можел да направи увид во спецификациите за набавката на возилото, па потоа да ги спореди со спецификациите на „хјундаи тусон“.

Колку за потсетување, за едно такво инсистирање за набавка на возило „мерцедес“ затворска казна добија три лица – премиер, министер за внатрешни работи и помошник-министер.

Тука новинарот имплицира дека директорот Славески направил кривично дело и оти за тоа треба да одговара. Кога станува збор за информирање преку вест или новинарски извештај, задачата на новинарот е само да информира, а не да прави споредби со други судски предмети, а уште помалку, пак, имплицитно да навестува нечие можно одење во затвор. Ова особено затоа што двата случаја може да се сосема различни. На пример, во првиот случај станува збор за извршена набавка на возило, додека во актуелниов случај насловот ни кажува дека такво нешто сè уште не е ни направено.

Целиот текст е чаршиски муабет и не е поткрепен со ништо што би можело да се наведе како цврст навод или доказ за пишаното. Без изјави и без конкретна проверка на информациите, написот паѓа во вода и може да се квалификува како манипулативен или, во најмала рака, недовршен.