Од чиста измислица до „таен документ“, демонизација на политичкиот противник и говор на омраза

[Рецензија: ОБЈАВЕН ТАЕН ДОКУМЕНТ: Да се обесxрабри каква било помисла на „Македонија“ или на „македонскиот народ“, и сѐ што е поврзано со нив!]

Сатиричната колумна на авторот Џејсон Мико, инаку поранешен почесен конзул на Македонија во Тусон, Аризона, и лобист во САД, платен од претходната македонска влада раководена од ВМРО-ДПМНЕ, збунувачки и сензационалистички е објавена од низа портали во земјава, кои намерно или ненамерно не го сфатиле контекстот на напишаното и колумната ја претставиле како официјален документ испратен до македонската влада. Со тоа се манипулира јавноста дека напишаното во документот е нечиј вистински став.

Никој од медиумите или не ја проверил вистинитоста на „меморандумот“ или намерно е премолчен фактот дека станува збор за сатира, туку по принципот копи-пејст ја објавиле неговата содржина без притоа да дадат каков било вовед и контекст на напишаното, да понудат информации за авторот и да ја објаснат целта на документот. Со таквиот начин на објавување се оставаат читателите збунети со еден куп прашања што висат во воздух откако ќе се прочита содржината.

Линк до оригиналниот напис: ОБЈАВЕН ТАЕН ДОКУМЕНТ: Да се обесxрабри било каква помисла на „Македонија“ или на „македонскиот народ“, и се што е поврзано со нив!

Датум и време на објавување: 13.6.2019

Датум на рецензија: 28.07.2019

Рецензент: Симона Атанасова

„Меморандумот“ првично е објавен од порталот „Свест“, по што го презел порталот „Јавно“, чија верзија спинува со додавање епитет „таен“. Потоа „Инфомакс“ го преставува како „постоечки таен документ,“ по што манипулацијата ја шират „Република“ и „Маркукуле“. И ниту еден од овие медиуми не ја видел или се направил како да не ја видел забелешката на авторот на колумната дека содржината не е вистинита:

Забелешка на авторот: Погоре напишаното, се разбира, е сатира, напишано во стилот на К.С. Луис. Луѓето може да помислат дека е вистина поради фактот што е многу блиску до самата вистина.

Никој не го видел (или се направил дека не го видел ниту промотивниот твит на самиот автор постиран по повод објавувањето на колумната.

Манипулацијата кај медиумите што го објавиле ова е зајакната со објавување фотографија од првиот дел на наводниот официјален документ, кој, всушност, е измислен. Фотографијата не е ништо друго, туку отчукано и отпечатено парче картија, кое може да го направи секој. На неа нема никаков официјален амблем, лого од институција, печат, ниту пак, потпис, што јасно доведува до заклучок дека не станува збор за никаков официјален документ, туку за чиста измислица.

Вториот предупредувачки сигнал дека станува збор за невистинит документ е името на испраќачот, Луис Сифер. Навидум случајно непознато име до кое не стои никаква титула или институција. Но, употребата на ова име воопшто не е случајна. Луис Сифер е игра на букви и зборови со името на Луцифер. Како такво, ова име е користено и потекнува од американската кинематографија, поточно во филмот „Ангелско срце“ од 1987 година, каде што еден од главните ликови е токму Луцифер, кој се претставува како Луис Сифер (или Сајфер), при што улогата ја игра Роберт де Ниро.

Содржината на измислениот документ е посебна приказна. Антивладин наратив, навредливи зборови кон премиерот и владата се само дел од пропагандата што што треба да се постигне со ширењето на оваа колумна. Тоа што во англискиот оргинал е наведено дека станува збор за „сатира“ претставува само затскривање зад литерарен жанр со цел авторот да може послободно да шири пропаганда и да си обезбеди (лоша и провидна) заштита за изнесените навреди.

Со тоа што авторот на меморандумот е именуван како Луис Сифер се сака да се наметне ставот дека актуелната власт и особено премиерот Зоран Заев соработуваат со самиот ѓавол при промената на името и имплементацијата на евро-атлантските интеграции. Еден од порталите што го пренесуваат овој „меморандум“ дури и има ставено наслов „Планот на ѓаволот“, што јасно покажува дека точно се знаело што значи името Луис Сифер, дадено на измислениот автор на измислениот меморандум, но и покрај тоа никаде не е наведено дека станува збор за сатира.

Само еден од порталите, кои го имаат пренесено овој „меморандум“ има вистински импресум, односно целосни податоци за редакцијата и одговорните лица во неа. Но, од друга страна, порталот кој ги има објавено овие податоци е во сопственост на унгарски сопственици, кои во земјава се појавија во 2017 година, во периодот пред смената на власта и презедоа портали и ТВ-станици блиски до поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. За нив беше многу брзо откриено дека припаѓаат или се блиски на владејачката унгарска партија ФИДЕЖ на чело со тамошниот популистички премиер Виктор Орбан.

Во секој случај, и првичното објавување на овој „сатиричен“ „меморандум“, но и неговото некритичко пренесување со припишување на постоење на некаква си тајна коалиција во која, ете, е вмешан и самиот ѓавол, покрај тоа што претставува манипулација со верските чувства и верувањата на граѓаните, претставува и осмислен обид за демонизација на политичкиот противник, што, пак, недвосмислено значи користење говор на омраза. Едно од основните оружја на говорот на омраза е политичкиот противник да се претстави како нечовек, односно како нешто што е различно, полошо или подолно од „нас“ (соработник или слуга на ѓаволот во овој случај). Така се добива лиценца за користење говор на омраза, зашто, ете, не станува збор за човечки суштества. А, историјата нè учи дека работите не престануваат тука, туку дека говорот на омраза, ако не му се спротивставиме правовремено, потоа преминува и во кривични дела од омраза. Во овој контекст ваквиот „меморандум“ недвосмислено потестува на „Протоколот на Сионските мудреци“, лажен документ, напишан од тајните служби во царска Русија и потоа со децении, па и до ден-денешен, користен како повод за стигматизација и дискриминација на Евреите.