Одржан состанок на Мрежата за медиумска писменост

На денешниот состанок на Мрежата за медиумска писменост се разговараше за досегашните активности на членките, за тековните проекти, како и за иднината на Мрежата и можноста за организирање заеднички настани и активности.

Претставниците на Македонскиот институт за медиуми, Фондацијата „Метаморфозис“ и Младинскиот образовен форум се осврнаа на своите тековни активности за регрантирање граѓански организации што ги реализираат во рамките на проектите финансирани од Европската Унија. Агенцијата, го презентира документот „Политика за медиумската писменост“ и се осврна на четирите компоненти на кои треба да се работи во следниот период.

Една од главните теми на дискусијата беше потребата од структурирање на Мрежата на начин што ќе овозможи поголема динамичност на интеракциите, истовремено задржувајќи ги принципите на демократичност и еднаквост по кои функционира таа. За таа цел, МИМ ги претстави „Препораките за интегрирање на концептот на медиумската писменост во различни општествени сфери“ создаден како резултат на искуствата од студиската посета на Регулаторно тело на Ирска и на Ирската мрежа за медиумска писменост.

Во овој контекст се покрена прашањето за потребата од дополнително структурирање на Мрежата и формирање засебни групи кои ќе придонесат за поголема координација и соработка меѓу членките, кои работат на специфични аспекти од медиумската писменост.

Присутните членки на Мрежата исто така разговараа за заедничкото организирање идни настани и активности.