„Тоа што на бабата ѝ е мило, на сон ѝ се сонило“

[Рецензија: Мега експлозија!!! Уставниот суд ќе го поништува референдумот]

Многу свесно, тенденциозно и смислено е обајвена лажна вест – невистина дека: „Уставниот суд ќе го поништува референдумот“. Тоа е нагласено и во насловот, кој амбициозно се самопрогласува за „ексклузивен“, најавувајќи ја веста со неколку извичници како „Мегаексплозија“.

Датум на објавување: 17.9.2018

Датум на рецензирање: 18.9.2018

Рецензент: Александар Писарев

Читателот, ако не е сомничав во вистинитоста на информацијата и не чувствува потреба да ја прочита целата до крај, може лесно да поверува во оваа лажна вест, бидејќи медиумот во самиот наслов навестува како да се повикува на Уставниот суд како референтен извор, тврдејќи без никаква основа дека таа највисока судска институција во државата ќе го поништи референдумот.

Веста прејудицира решение на Уставниот суд пред закажаната седница на која оваа судска институција треба да се изјасни за барањето на партијата Левица и на Светскиот македонски конгрес за оценување на уставноста на одлуката на Собранието да го распише референдумот.

Иако Уставниот суд уште немаше расправано на оваа тема кога беше објавен текстот, медиумот, сепак, тврди дека судот ќе го поништи референдумот. Од каде медиумот знае дека баш тоа ќе се случи? Не знае и не може да знае додека судот не се состане и одлуката не биде јавно објавена.

Всушност, текстот и не е авторски, туку се работи за лепенки и крпеници од написот на доц. д-р Димитар Апасиев, лидер на партијата Левица, извадени од контекст и реобјавени за граѓаните да се одвратат од излегување на референдумот.

Професорот Апасиев, и не само тој, има право да расправа на оваа тема и да изнесува свое мислење како, според него, би требало да реагира Уставниот суд. Но, конечната одлука, во секој случај, ќе ја донесат судиите.

Медиумот требало да постапи коректно и да објави, како што тоа напишал и самиот Апасиев, дека за собраниската одлука што тој ја оспорува, Уставниот суд ќе расправа на 19 септември. И да заклучи дека тогаш се очекува, а не дека веќе е донесена одлуката, како што е најавено во веста.

Вака, со експлицитното тврдење дека Уставниот суд го поништува референдумот, направена е груба манипулација со читателите уште пред судот да се состане. Настрана фактот што токму пред објавувањето на оваа рецензија Уставниот суд се состана и донесе сосема спротивна одлука, односно да не поведе постапка за референдумот, со мнозинство од 7:2.

Медиумите не смеат да објавуваат невистини и да извртуваат факти.