Опозициските портали не напишаа ниту еден збор за сведочењето на Василевски

Фото: pixabay

Сведоштвото во текот на судењето за настаните од 27 април 2017 година на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа ја потресе целата македонска јавност. И тоа со право. Во сведочењето, Василевски, како директен учесник во настаните, во детали говореше за своите активности во текот на тој ден, кои се однесуваa на упадот во Собранието и насилството што се случи во него. Во ова експлозивно сведочење тој истакна дека зад организацијата и имплементацијата на овие настани, всушност, стоела ВМРО-ДПМНЕ (тогаш партија на власт), како и Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) при Министерството за внатрешни работи.

Но, ова сведоштво на Василевски не беше пренесено од информативните интернет-портали што важат за опозициски, односно блиски до ВМРО-ДПМНЕ, какви што се „Курир“, „Нетпрес“, „Република“, „Лидер“. За нив „Призма“ пред неколку месеци напиша дека се сопственост на Унгарци, поконкретно на фирмата на Унгарката Агнеш Адамик – „Адинамик медиа“ е сопственик на тие портали.

 

НОВИНАРСКИТЕ ПРАВА И ОБВРСКИ

Медиумите, се разбира, имаат право да известуваат што сакаат и да не известуваат за тоа што не сакаат. Тоа право никој не го спори. Уште повеќе, тоа право произлегува од член 16 на Уставот на Република Македонија, кој ја гарантира слободата на изразување. Но, она што е симптоматично, е фактот дека ова сведочење претставуваше ударна вест на денот и информациите што произлегуваа од исказите на сведокот Василевски веднаш стануваа главни вести во сите други информативни медиуми. Сепак, овие неколку опозициски медиуми тој ден судењето го третираа како да не постои, односно не го третираа воопшто.

Инаку, ова не е првпат важни настани што се однесуваат на индиции за незаконски дела поврзани токму со ВМРО-ДПМНЕ да бидат игнорирани од медиумите блиски до партијата. Истото се случи и во 2015 година со содржините од прислушуваните разговори, кои ги објавуваше тогашниот опозициски СДСМ и кои ни тогаш не беа пренесувани од редица медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ и тоа со месеци. Работите неретко стануваа и апсурдни со оглед на тоа што овие медиуми наголемо ги пренесуваа реакциите, демантите и контранападите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ во однос на она што беше објавено во прислушуваните разговори. Но, самите разговори не беа пренесени ниту како најобични вести. Со оглед на тоа, читателите на овие портали или беа збунети, не знаејќи на што се однесуваат реакциите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ или реакциите на самата партија или, пак, мораа да ги посетуваат другите портали за да се информираат за што станува збор. Така се случи и овој пат. Истата вечер, лидерот Христијан Мицкоски на партиски настан го нападна сведочењето, при што неговиот настап беше пренесен од овие портали, но основната вест, како и пред 3 години, недостасуваше.

Се разбира, можно е сведочењето на Василевски да не е точно и да содржи измислици. Но, доколку имаат такви информации, медиумот треба да ги наведе или, пак, ако има каква било друга причина зошто за ова сведочење, за кое пишуваа дури и меѓународните медиуми, не се информира, овие медиуми требаше да ги кажат тие причини за јавноста да знае на што се темели таквата уредничка одлука.

Ваквото прикривање важни информации од неспорен јавен интерес, гледано од етичка гледна точка, конкретно во овој контекст, не е сосема најјасно регулирано. Кодексот на новинарите во членот 1 говори дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи“. Но, овде се зборува за тоа дека точните и проверени информации треба да бидат сеопфатни и оти нема да прикриваат „суштински податоци“, што бездруго би влијаело на нивната точност. Во членот 6, пак, се вели дека „новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист“, но овде не станува збор за стекнување лична корист или барем такво нешто не може да се насети на прв поглед.

Од друга страна, пак, известувањето од Кривичен суд за ова сведочење беше од голем јавен интерес и со непишувањето ниту збор за овој настан, се прекршува основниот принцип на однесување од Кодексот на новинарите, кој се однесува на новинарското вршење на нивната основна задача, односно обврската да се исполни „правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.“

Следствено на ова, јавноста од страна на овие медиуми не беше информирана, барем не во целост, за прашања што се однесуваа на настаните од 27 април 2017 година, кога беше загрозена безбедноста на пратениците, на граѓаните и беше извршен институционален упад.

За упадот во Собранието на 27 април се обвинети вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

 

ШТО БЕШЕ ПРЕМОЛЧЕНО?

Јавноста од страна на овие медиуми не беше информирана дека, според сведочењето на Василевски, зад овој упад во Собранието стоела и Управата за безбедност и контраразузнавање, бидејќи нејзиниот тогашен директор Владимир Атанасовски (кој сега е во притвор), бил дел од паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што се издавале наредбите за упад во Собранието.

За прв пат се обелодени дека дел од тој штаб биле и лицата Митко Чавков, Билјана Бришковска-Бошковски, Спире Ристовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, а кои не се меѓу обвинетите за ова дело. Јавноста, од страна на овие медиуми не беше информирана и дека државата била пред прогласување воена состојба, но тој план пропаднал поради притисок од меѓународниот фактор. Ваквото тврдење утредента беше негирано од претседателот Ѓорѓе Иванов.