Оставката на Димитров требаше да биде проверена од најмалку два извора

 

Лажната информација за оставката на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одекна како бомба во јавноста, имајќи предвид дека беше објавена еден ден по одржувањето на референдумот, на кој не беше постигнат цензусот и лесно можеше да се поверува во нејзината вистинитост.

Информацијата за оставката на министерот Димитров беше објавена на 1 октомври во 17 часот, во вестите на телевизија „24 вести“, а која се повикуваше на писмен допис, стигнат до редакцијата, за кој подоцна се утврди дека е фалсификат.

Медиумот не смеел да ја објави оваа информација, пред претходно да ја провери веродостојноста на писмениот допис. Писмениот допис до кој дошол медиумот, треба да биде појдовна точка од која потоа треба да следува проверка на напишаното. Односно, потребно е да се провери преку неколку веродостојни извори, како што е Министерство за надворешни работи, на чие чело е посочениот министер и Владата каде што таа оставка треба да биде депонирана.

Тоа во овој случај не е направено и важна информација во сензитивни политички моменти за државата се претставува како „брејкинг њус“.

Телевизија „24 вести“ подоцна објави дека веста е лажна и им се извини на гледачите и на министерот.

На оваа вест на телевизија „24 вести“ се „налепија“ и други медиуми, кои потоа информациите ги избришаа за да не се дезинформира јавноста. А, писмените деманти од Министерство за надворешни работи и од самиот министер Никола Димитров останаа.

„Министерството за надворешни работи најостро ги осудува малициозните обиди за ширење лажни вести и децидно ја демантира дезинформацијата дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров, дал оставка. Повикуваме на одговорност за овој груб фалсификат, кој и покрај аматерскиот, крајно очајнички обид за лажно продуцирање на официјалниот акт на министер во Владата на Република Македонија, прави голема штета со тенденциозно пласирање една огромна невистина“, се вели во демантот на МНР.

МНР доставило и пријава до Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за фалсификат и можна злоупотреба на одредена институција.

„По добиената пријава ќе пристапиме кон работа, важно е да се утврди фактичката состојба. Лажните вести и говорот на омраза станаа нешто на кое се темелат информациите“, рече министерот Оливер Спасовски.