Паушални обвинувања дека Боки 13 со кеш ја финансирал кампањата на Богоев

[Рецензија: НОВА АФЕРА: Боки 13 СО КЕШ ја финансирал кампањата на Богац и СДСМ во Карпош]

Нафрлани обвинувања, суми извадени од ракав, пресметки направени „од око“ без никаква поткрепа или доказ. Со написот се поврзуваат осомничениот за „Рекет“ Бојан Јовановски и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, со цел да се поттикне сомневање за интегритетот и работењето на градоначалникот.

Линк до оригиналниот напис: НОВА АФЕРА: Боки 13 СО КЕШ ја финансирал кампањата на Богац и СДСМ во Карпош

Датум и време на објавување: 19.7.2019

Датум на рецензија: 25.7.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Паралелата за блискоста на Боки 13 и Богоев се повлекува преку таткото на Богоев, кој е член на управниот одбор на Меѓународниот сојуз, организација чиј претседател е Јовановски. Според информациите на веб-страницата на Сојузот, овој податок е вистинит, но освен Богоев во управниот одбор на Сојузот се уште седум други лица. Тоа не значи дека сите овие лица биле вклучени во незаконски активности поврзани со Боки. Во текстот пишува дека таму со него се и Фросина Ременски и Коста Костадинов од СДСМ, но ова не е точно. Тие не се дел од структурата на Сојузот.

Потоа во текстот се нафрлаат непроверени податоци за финансиите што биле употребени за кампањата на Богоев за неговата кандидатура за градоначалник.

Главното прашање е, не дали Боки 13 со кеш ја финансирал кампањата, тоа е повеќе од јасно. Прашање е како и со што градоначалникот Богац му се оддолжи на Боки 13, кој во неколку негови изјави најавуваше градежни проекти.

Ова е чист коментаторски став, кој во текстот не е поткрепен со ништо друго освен со празни шпекулации, за кои на јавноста не ѝ е понуден ниту еден доказ или аргумент со кој ќе се потврди дека тоа е навистина така.

Се тврди дека СДСМ не закупил билборди за рекламирање за кандидатите за градоначалник во 2017 година, но дека за Богоев во Карпош биле закупени 78 билборди. Потоа се прави калкулација колку би чинеле овие билборди „според официјалните ценовници“. Не се знае кои се тие официјални ценовници, ниту од кои компании ниту за какви билборди. Битно се пресметала цена од речиси 80.000 евра за билборди и се тврди, без докази, дека некој му ги платил на Богоев во кеш.

Ова преку соопштение го демантираа од СДСМ, матичната партија на Богоев од каде што тврдат дека:

Коалицијата за локални избори предводена од СДСМ, во кампањата за локални избори 2017 година, за сите кандидати за градоначалници на СДСМ, вклучително и за Стефан Богоев има склучено договори за закуп на билборди. Плаќањата за закупените билборди се извршени преку Наменската сметка за локални избори 2017 година.

Текстот не само што неосновано тврди дека 100 луѓе работеле во кампањата за Богоев туку лицитира и со суми со кои тие биле плаќани. Но и ова е објавено без никаков цврст доказ, без ниту една изјава од барем еден од тие 100 вработени што можат да го потврдат ова. Единствената поткрепа на обвинувањата е „нашите извори наведуваат“. Фраза која многу често се користи за да се даде тежина на празни шпекулации.

Во написот се обвинува за поткуп на гласачи, сериозно кривично дело за кое повторно нема никаква основа, потврда или доказ. Сето тоа беше демантирано од СДСМ, од каде што велат дека обвинувањата се лага.

Лага е дека се плаќало на луѓето ШТО работеле во кампањата за Стефан Богоев. Во кампањата на Богоев, но и во кампањите на сите други кандидати за градоначалници, на волонтерска основа дејствуваат активистите и членовите на СДСМ и коалициските партнери. Не се плаќало ниту за дневници ниту за други трошоци. Сериозна лага е веста дека се купувале гласови во Нерези и Злокуќани!

Текстот е целосно едностран. Чиста шпекулација, сензационалистички објавена и преставена како нова афера. Нема изјава од засегнатите страни кон кои се нафрлени обвинувањата. Не е побарана изјава, односно став од Богоев, ниту од неговата партија СДСМ. Нема ниту еден единствен доказ, аргумент за обвинувања кои се однесуваат на многу сериозни кривични дела. Во пишувањето на текстот воопшто не се запазени правилата за еден професионален новинарски текст.