Погребот на мајката на Катица Јанева не е тема од јавен интерес

 

Пишува: Силвана Жежова

 

Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, на која ѝ е одреден притвор од 30 дена во врска со случајот „Рекет“, е во фокусот на медиумите еден месец, поточно откако депонира оставка, но и откако ѝ беше одземен мобилниот телефон поради основи на сомневање за вмешаност во овој случај.

Оттогаш медиумите со право го следат секој нејзин чекор, имајќи предвид дека станува збор за обвинителка која требаше да се бори против криминалот и корупцијата на највиско ниво во државата, но стана дел од нив и заврши во притвор поради „основано сомневање за злоупотреба на службената положба и овластувања и заради стекнување лична корист“.

Но, во целото тоа медиумско следење на сè што е поврзано со Јанева, медиумите ја пречекорија границата на професионално известување во врска со приватниот немил настан во животот на Јанева, односно смртта на нејзината мајка, која сосема случајно почина на денот на нејзиниот притвор.

Смртта и погребот на мајката на Јанева не се информации од јавен интерес за граѓаните. Она што јавноста ја интересира е судска разрешница на случајот „Рекет“, а не приватни детали од животот на обвинителката во оставка, кои воопшто не се поврзани со прашањата што треба да се одговорат во врска со нејзината вмешаност во овој случај.

Медиумите ја следеа Јанева од Шутка до Гевгелија и притоа известуваа за целото нејзино патешествие, („со полициска придружба следена до гробиштата“, „ѝ се слошило во капелата“, „не дочека да ја спуштат во гроб“). За волја на вистината, не се објавени фотографии од нејзината емотивна состојба, освен од гробиштата на кои бил погребот, а кои, веројатно, послужиле за да се докаже нејзиното (не)присуство, што повторно, не е предмет на јавен интерес.

Според Кодексот на новинарите, новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост, па оттука и обвинителката во оставка и во притвор, има право на тоа.

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост. Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми, се вели во точките 7 и 8 од Кодексот на новинариТЕ.

Раководејќи се од овие принципи и етички вредности, пропишани со овој Кодекс, новинарите и медиумите треба да разграничат што ќе објават за Јанева, без разлика на големиот интерес на јавноста за неа. Смртта на нејзината мајка, во ниту еден случај, не влијае на случајот за „Рекет“, за кој сè уште се води истрага.

Оттука, овие информации не се ништо друго освен сензационализам „во лов“ на поголем број кликови и зголемување на читаноста за личност што е топ-тема и е под будното око на јавноста.