Политички памфлет за замајување на јавноста

 

[Рецензија: (Видео) ЗА МАЛКУ ИЗБЕГНАТ ИНЦИДЕНТ НА МАРШОТ НА СДСМ: Малиот одѕив на маршот во Скопје за малку не предизвикал поголем инцидент меѓу Шекеринска и Зечевиќ!)

 

Текстот што е предмет на оваа рецензија повеќе служи за манипулација, а помалку за информирање на јавноста. Написот не содржи цврсти и проверени информации, односно целиот текст се потпира на чаршиски муабети.

Линк до оригиналниот напис: (Видео)ЗА МАЛКУ ИЗБЕГНАТ ИНЦИДЕНТ НА МАРШОТ НА СДСМ: Малиот одѕив на маршот во Скопје, за малку не предизвикал поголем инцидент меѓу Шекеринска и Зечевиќ!

Датум и време на објавување: 19.9.2018

Датум на рецензирање: 24.9.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Според информации до кои дојде Инфомакс, слабиот одѕив на граѓаните на митингот во неделата ги зоврел страстите во СДСМ. Зоран Заев барал одговорност за милионите што се истрошени во кампањата, а на тоа се надоврзал и Никола Димитров, кој странската поддршка ја припишал како своја заслуга.

Уште на самиот почеток на текстот имаме наведување на читателот и обид за манипулирање. Имено, се нагласува дека имало слаб одѕив на митингот на СДСМ. Прво, не станува збор за партиски митинг, туку за марш за европска Македонија. Понатаму се наведува дека Заев барал одговорност за милионите потрошени во кампањата. Кои се тие милиони, за колку милиони станува збор, недостига прецизна информација за тоа колку пари се потрошени за кампањата досега. Не е побаран одговор од Владата.

Причините за дебаклот Шекеринска му ги префрлила исклучиво на организацискиот секретар Миле Зечевиќ, кој, според нашите информации, ја посочил како најдиректно одговорна за тоа што ја изгубиле поддршката во Скопје, а скопјани решиле да останат во своите домови.

Тука веќе акцентот се става на фокусот на текстот. Имено, се посочува дека дошло до судир меѓу Шекеринска и Зечевиќ поради слабиот одѕив на скопјани на маршот. Не е јасно дали авторот на написот ги броел скопјаните што излегле да го поддржат маршот. Што конкретно значи слаб одѕив на скопјани? Не е прецизно објаснето, туку само е нафрлено, што е јасен доказ за обид за манипулација на читателот.

Целата кавга околу гласините во јавноста за корумпираноста и заткулисните игри на Шекеринска кулминирале со директна пресметка зад сцената. Како што ни посочи нашиот извор, Шекеринска физички се пресметувала со Зечевиќ зад бината на митингот на Коалицијата Заедно за европска Македонија.

Тука веќе се наведува дека дошло и до физичка пресметкка меѓу Шекеринска и Зечевиќ, што е сериозно обвинение. За ваква информација не е доволно да се посочи само „нашиот извор“. Потребно е да се побараат изјави од засегнатите страни, во случајов од Шекеринска и Зечевиќ и да се провери информацијата. И не само од нив, информацијата може да се провери и од други страни, од други луѓе кои биле присутни зад бината. Да се побара нивна изјава и на читателот да му се пренесе и другата страна од приказната.

Во неделата на митингот во Скопје, на СДСМ и коалициските партнери „Заедно за европска Македонија”, се случувала вистинска драма. Имено, според очевидците што биле позади бината, поставена пред седиштето на Делегацијата на ЕУ, од непознати причини Миле Зечевиќ ѝ се нафрлил на вицепремиерката, а во еден момент тргнал кон Шекеринска, најверојатно, и физички да се пресмета. Во драмата се вмешал и нејзиниот шофер, кој на крајот успеал да ја отргне од Зечевиќ.

Причините за овој инцидент сè уште не се познати. Се шпекулира дека можеби причината била слабиот одѕив на луѓе на митингот, па вината си ја префрлале еден на друг.

Зошто нема изјава од ниту еден од очевидците? Се случувала драма зад бината, а, всушност, самиот текст е драма и ништо повеќе. Напис што не содржи цврсти докази и информации, туку само шпекулации за замајување на јавноста.

Текстот е политички мотивиран и има цел да го урне угледот на владејачката партија по секоја цена. Написот не содржи информации што можат да му дадат на читателот јасна слика за што било, ниту за парите потрошени во кампањата, ниту за одѕивот на маршот за европска Македонија, ниту за излезеноста на скопјани, а уште помалку за физичката пресметка меѓу Шекеринска и Зечевиќ. Текстот, сè на сè, е обичен политички памфлет, а не новинарски напис.