Повикот за протест против загадениот воздух е анонимен и не е пријавен во МВР

 

Протестот е најавен на „Фејсбук“ под наслов „Канцерогено општество сабота 13:00 пред Собрание“, но не е јасно кој стои зад овој креиран настан. Реакција за протестот, чијшто организатор не е познат, има и од невладините организации и од екоактивистите кои беа организатори на најмасовниот протест за чист воздух пред три години. Според нив, за организација на протест е потребна подготовка, по можност најава на настан во МВР, мобилизација на активисти за информирање на населението

 

Пишува: Силвана Жежова

 

Во деновите кога Владата го продолжи распустот на учениците поради загадениот воздух и во сила беа мерките и препораките за заштита од загадувањето, граѓаните во приватни пораки на социјалните мрежи добија пораки за протест в сабота, на 26 јануари, пред Собранието.

Пораката  што се споделува по социјалните мрежи е со следната содржина:

Здраво, напатен пријателу. Ти што воздух не можеш да земеш. Да пробаме да бидеме сложни барем кога за здравјето наше и на нашите најблиски се работи Мирен но МАСОВЕН протест да им даде до знаење дека ни треба сериозни, способни луѓе наспроти шарлатани кои ќе нè извадат од најтемната и најзагадената точка на светов Состојбата е алармантна и од ден на ден станува неподнослива Да не дозволиме да нè навикнат на „живот“ во канцерогено општество САБОТА 26.1.2019 г. во 13h. Собрание на Р. Македонија Протест против КАНЦЕРОГЕНОТО ОПШЕСТВО!!! ЗАСЛУЖУВАМЕ ДА ДИШЕМЕ!!! Ако се согласувате, препратете ја поракава на колку повеќе луѓе можете. ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СЕ !!!

Од Министерство за внатрешни работи за „КриТинк“ изјавија дека до овој момент најава за протест за в сабота кај нив нема.

До овој момент, не е пријавен протест. Но тоа не значи дека во наредните денови нема да биде пријавен, изјавија од МВР.

Протестот е најавен на „Фејсбук“ под наслов „Канцерогено општество сабота 13:00 пред Собрание“, но повторно не е јасно кој стои зад овој креиран настан. Реакција за протестот, чијшто организатор не е познат, има и од невладините организации и од екоактивистите што беа организатори на најмасовниот протест за чист воздух пред три години. Според нив, за организација на протест потребна е подготовка, по можност најава на настан во МВР, мобилизација на активисти за информирање на населението.

Екоактивистката Ели Пешева смета дека лошо организиран протест му прави многу голема штета на целиот активизам, на сите граѓански напори за подобрување на работите

Немам никаква дилема дека состојбата ни е за еден сериозен, масовен, па и радикализиран протест. Но, стоти пат ќе кажам дека сомнително непотпишан повик од типот „ако не го пуштиш на 20 луѓе во следните 5 минути…” или лошо организиран протест му прави многу голема штета на целиот активизам, на сите граѓански напори за подобрување на работите. Повикот на протест мора да има јасно потпишани иницијатори и прецизни причини/барања. Сè друго е обид за манипулирање на граѓаните кои загадувањето ги доведе до раб на нерви и евентуални бонуси за одреден мал број луѓе што имаат одредена агенда. Значи или е многу дилетантски и несериозно подготвено или има цел, вакво неорганизирано и хаотично, да ги демотивира граѓаните од секое идно сериозно собирање и протестирање вели Пешева во изјава за „КриТинк“.

Граѓаните, исто така, со право реагираат дека некој се обидува да ги манипулира и изразуваат сомнеж дека зад протестот има политичка заднина, прикриена зад превезот на граѓански протест и тоа за појава од која се нарушува здравјето поради загадениот воздух.

Кој си игра со најважното прашање во државата – загадувањето? Цел ден добивам пораки за протест, како некоја секта да се организирала. Нема организатор, нема барања, нема ништо. Сега читам партија била иницијатор. Која? Зошто нема име на партијата. Што сакате да постигнете? Да го задушите и она малку отпор што остана кај народов? Доволно сме недоверливи кон сè, па и загадувањето ни го подметнувате. Како не ви е срам! Навистина ни ја потценивте интелигенцијата, вели Маја Бабиќ, екоактивистка, која се бори и за правата на животните.

Правото на протест е загарантирано со Устав, правото на чист воздух исто така, но обидите за манипулација граѓаните треба да ги препознаат и да се дистанцираат од нив.

Повикот за протест, исто така, е објавен и во медиумите, но тие само ја пренесуваат содржината на пораката, без детаљни информации.