Прес-конференцијата на Катица Јанева како повод за харангата против неа

 

Очевидно е дека не треба да се чека случајот „Рекет“ да заврши и постои цела група политички клиенти кои сакаат да ги заборавиме дури и вистинските актери на оваа афера, туку се брза да се направи „сопствена истрага“ и да се најдат по секоја цена, со измислици, конструкции и со јавно нагрдување на поединци, пресврти во ситуацијата „трговија со углед“ и да се добие повод за рушење на целата историја на истрагите на СЈО

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Кога во вторникот, 23 јули 2019 година, шефицата на СЈО, Катица Јанева, даде изјава за медиумите рано попладнето по една недела отсуство поради боледување и исто толку време по поднесувањето ковертирана оставка, порталот „Република“ веднаш донесе грст прилози, кои како повод го имаа овој настан.

Од насловите, нивната содржина и нивото уредување, како и од просторот што тие го заземаа на насловната страница од порталот, веќе има јасен сигнал дека се работи за оркестриран напад на една јавна личност.

Толкав број прилози и наредени наслови, кои поаѓаат од само една појава на Јанева, секако, веднаш укажуваат на можноста уредувањето и пополнувањето на насловната страница да се дел од однапред определена задача за харанга кон оној што треба да се појави како целна жртва. На ова можеби работи и цела екипа чии автори (текстовите не се потпишани, што стана вообичаено за ваков вид „литература“) работат експресно и не покажуваат никаква индивидуалност во пишувањето, но затоа постои изедначеност во стилот и изборот на фотографиите.

Катица Јанева го имаше своето соочување со медиумите околу 13.30 тој ден, а настанот заврши нецел половина час потоа, да заокружиме на 14 часот. Првоанализираниот текст подолу е објавен во 14.19! Навистина експресно. Вториот прилог, кој се потпира на друг дел од говорот на Јанева се поставува во 14.48, а само минута подоцна, во 14.49 следува нов, кој, пак, претставува текст од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, а кому не му недостасува, исто така, брзина во реакцијата.

Во меѓувреме се селектираат реакциите на социјалните мрежи, кои, инаку, нормално ги има секакви – и тие што ја поддржуваат Јанева и тие што ја напаѓаат, а погодувате какви се поставуваат на порталот?! Па, има една од извесен Демир ,некоја минута подоцна од прес-конференцијата на ВМРО ДПМНЕ, потоа се цитира некоја порака упатена од обвинителката Фатиме Фетаи со коментаторски наслов, кој не ја потврдува содржината, ама нејсе – се одржува посакуваниот ефект (во 15.59). И сатницата на прилозите секако говори за насочен и некаков пресметан „водопад“ на наслови и толкувања на изјавата на Јанева, која, се чини, низ изговореното не ги задоволува редакциските очекувања, па затоа се користи и како повод за слободни „надградби“.

Да појдеме по ред во објаснување на содржината на прилозите. Централно место има текстот со индикативен наднаслов „Малиот Јанев изнудувач?“ и потоа со наслов што се надоврзува и одново завршува со прашалник (!) „Катица го мести синот за да си го спаси задникот?“ Речникот, се разбира, заслужува внимание, и тоа не само од страна на лекторите. Тој е комплетно недостоен за употреба во нешто што може да се нарече јавен простор – на веб-страница на едно јавно гласило. Поужасно од валканицата во насловот, која е пресметана како додворување на уличниот вакабулар на публиката што го користи, секако е содржината. Технологијата на конструирање на заклучоците е секако ришелеовска. Знаете за изреката на францускиот кардинал  – „Дајте ми една реченица од кого било и кажана или напишана каде било и јас ќе го обесам авторот“.

Точно е дека мојот син работи во телевизијата на Бојан Јовановски, но тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува привилегии и незаконити дејства, рече во своја одбрана специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со што директно го пушти во оган својот син, Лазар Јованов.

 

ШТО КАЖА, А ШТО НЕ КАЖА КАТИЦА

Овој цитат технички се спојува веднаш со коментар за да се добие впечаток дека тоа небаре го кажала самата Јанева. Не е јасно како се успеало во она „некој“, односно во оние што евентуално направиле тровија со влијание, да се најде и нејзиниот син? По која основа?

Но, креаторот на овој текст со „з**никот“ во насловот сакал да удри во нешто што е базично чувство на читателите – тоа е претставата за мајчинството. Па, она што не го пополнува обвинетиот Бојан Јовановски во сферата на уцената, се препушта, со директна редакциска „умешност“ да отвори простор таму да се турне синот на обвинителката Лазар Јанев, што кај читателот создава слика дека мајката го жртвува своето чедо за да се спаси себеси! Ова кај недоволно концентрираниот опсерватор остава многу лош впечаток и тој потоа не е подготвен на идната одбрана на специјалната обвинителка да гледа здраворазумски или да гради евентуална емпатија кон Јанева. Јасно, таков метод обично се гради од професионалци, кои ги анализираат методите на атакување врз личности. А, кои ретко кога се само новинари!

Во следниот текст на градење на попладневната насловна страница на „Република“ се поставува текстот „Катица влече со себе“ со поднасловот „Шифрирана порака од специјалната: кој е тој со политичка моќ замешан во „Рекет“?“ Во основа, текстот одново се врзува со изјавата на Јанева, со нејзиниот втор и завршен дел, а е напишан по кусо земање здив и сознание дека на прво слушање настапот не дава повод за „класичен нокаут“. Веројатно е тоа очекувањето – Јанева да повлече некого од политиката, пред сè, од власта и се пристапило кон „требење“ на изговореното. Па, најдена е „шифрирана порака“ во делот на изјавата со која Јанева го заврши обраќањето кон новинарите со она „некој се обидува да ја злоупотребува својата политичка моќ и бега од правдата“. Ова треба да асоцира на власта. Белки може да има врска и со опозицијата, која, исто така, има моќ, а сигурно и голема одговорност, пред сè, во материјалот со кој располага СЈО!? Оттаму, насловот и поднасловот се доживуваат како насочувачки и од нив се гради една цела теорија на заговор.

 

ПАРТИСКА АМНЕСТИЈА

Третиот напис е речиси комплетен пренос на прес-конференцијата во ВМРО-ДПМНЕ за изјавата на Јанева. Неполн час по последните зборови на шефот на СЈО во отставка, најголемата опозициска партија си претстави свое политички алиби за сето она што за неа лежи во архивата на „Рузвелтова“.

Со самиот наслов се дава кодното име на откриената афера „Рекет“. Но, не така како што е поставена во активностите на обвинителите од ЈО, туку онака како што некој во партијата сакал да биде. Насловот на текстот е „Јанева практично призна дека СЈО го претворила во рекетарски бизнис“, при што она „практично“ во нејзиното обраќање е прешироко сфатено, да не речеме поставено во вселенски димензии, па, вие одете и барајте од каде излегува тоа признание.

Тезите на партијата и деновиве се јасно видливи – целиот товар на аферата да мине на власта, да се занемари дури и фактот кои се лицата што се во притвор и против кои официјално се води постапката, а тоа особено важи за второобвинетиот, кој има папочна врска со опозициската партија повеќе децении, а релацијата на рекетирањето да се бара само во конструираната оска Јанева-Заев.

Јанева практично призна дека СЈО го претворила во рекетарски бизнис и дека таму се сместени најголемите криминалци во државава вклучително со нејзе. Слушнавме дека знае и за други лица кои рекетираат во нејзино име, но Јанева одлучи да ги заштити и да не каже кои се тие, практично уште еднаш покажува и докажува дека она е соучесник и она им дава поддршка на тие лица да рекетираат и да го вршат тој криминал. И практично е виновна за тоасе вели оваа партиска пашквила, која нема врска со тоа што таа „признала“.

Изјавата на Јанева се користи да се добие неков вид партиска амнестија за сопствените бизнис и други кадри, па се вели „дали Јанева имала контакти со Заев, Кики или Фрики (мистериозни ликови од серијалот на колегата Геровски – н.з.) и за што разговарале со тој телефон? Катица Јанева не кажа дали одлуката да се укине притворот за бизнисменот Камчев е нејзина или одлука на обвинителката Лиле Стефанова? Катица Јанева не почувствува ниту срам ниту одговорност за ова што се случува во моментов, но тоа што е потрагично е фактот дека ништо сомнително не гледа ниту обвинителката Русковска, практично се обидува да ги заштити, истакна Арсовски“.

Така доаѓаме до основата на целата оваа кампања. Власта треба да претрпи штета по секоја цена, ама процес против уценувачите и да нема, заради што сега се напаѓа и обвинителката на одделението за организиран криминал Вилма Рускоска, чие име беше спомнато како можен шеф на делот на ЈО по потенцијалниот спој со СЈО, што го навести Заев.

Ниту тој ден, а ниту следниот не е објавена ниту една реакција во јавноста која го оспорува идеолошкиот костур на прилозите објавени во „Република“. Кому  му е грижа за фактот дека живееме во плуралистичко општество?

 

МИСЛЕЊАТА ОД ЗАД КОНТЕЈНЕРОТ

Тоа секако важи и за изборот на мислењата излезени на социјалните мрежи. Согласно со употребениот јазик на насловната страница, актерот Саше Тасевски вели „… Боки 13 те злоупотреби, а Като? Тоа е ко Елиот Нес да беше фатен во рекет и да рече дека внучето од сестра на Ал Капоне ме за…ба“ (точките се наши). Потоа следуваат други лица со сличен начин на размислување и вокабулар, а за чија употреба е искористена Фатиме Фетаи со истргната изјава од „Фактор“ насловена како „И Фатиме се откажува од Катица“, што нели, „става точка“ на оваа институција. Ама, истргнатиот сегмент говори дека таа била на одмор кога колешките давале изјави пред новинарите и потоа следува „и сега потврдува дека стои зад тие ставови и оти очекува истрагата побрзо да заврши. Дополнителни коментари СЈО заеднички ќе соопштува. Засега не се коментира настапот на Јанева од денеска“. Каква е оваа конструкција која се прави во „Република“ и како ја вметнаа Фатиме во целиот тој сет на прилози.

Посебна приказна е изборот на фотографиите што треба да ја карикираат Јанева, а не се врзани за настанот кој е повод за серијата текстови на насловната страница. Тие дополнително ја докажуваат целосно приземната харанга која се врши кон Јанева и институцијата што таа ја претставува. Нема фотографии ни од обвинетите ни од лицата што биле уценувани, што никако не е дел од нормалниот журналистики приод кон настаните од аферата „Рекет“! Фотографиите едноставно ги приложуваме, вклучувајќи ја и таа што беше објавена на прес-конференцијата за Јанева во ВМРО-ДПМНЕ.

Со ова се дополнува методот на уништување на одредена личност со сите инструменти на новинарството, главно низ недозволено употребени инструменти, што би го заокружиле со зборот „харанга“ (во македонскиот речник – подбуцнувачки говор).