Привлечен наслов да, ама не по цена на вистината

 

[Рецензија: Заев: Точно пресметав, 903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името]

 

Читателите најчесто во првиот момент не го читаат целиот текст во весникот. Тие најнапред го разгледуваат насловниот блок и насловот и најчесто се задржуваат на оние вести и информации кои со својот наслов најмногу им го привлекуваат вниманието, а потоа ја бараат дополнителната информација за да ја утврдат причината дали треба да го прочитаат целиот текст.

Насловот ја содржи клучната информација или главната вест. Тој мора да биде информативен, експресивен и економичен и, пред сè, точен во однос на содржината која ја најавува. Од насловот читателот добива кратка, комплетна и јасна информација што содржи текстот.

Линк до написот: Заев: Точно пресметав, 903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името

Датум на објавување: 29.08.2018

Датум на рецензирање: 30.08.2018

Рецензент: Александар Писарев

Во насловот треба да се нагласи само она што претставува содржина на текстот и тој треба да биде вистинит. Насловот на овој текст „Заев: Точно пресметав, 903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името“ привлекува внимание, бидејки се работи за моментално најактуелната тема во државата – референдумот за Договор со Грција и нашето членство во ЕУ и НАТО. За жал, содржината на овој наслов не е вистинита и ги доведува во заблуда читатеите дека „903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името“. Во насловот, на премиерот му е импутирано нешто што тој воопшто не го кажал.

Подолу во текстот грешката е „исправена“ и точно се пренесени неговите зборови дека „нашето лице ќе биде цензусот, односно излезноста на повеќе од 50 отсто од граѓаните од вкупниот број гласачи,  а согласно последниот избирачки список тоа се 903.000 гласови кои што треба да излезат најмалку на референдумот, за да имаме донесено одлука согласно Уставот како што е пропишано“.

Меѓутоа, штетата е веќе направена и оние читатели кои го прочитале само насловниот блок ќе останат со убедување дека премиерот Заев рекол „Точно пресметав, 903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името“. Тоа не е исто од она што навистина го рекол, бидејки од тие претпоставени 903.000 граѓани кои ќе излезат на гласачките места, дел од нив, според своето убедување, можеби ке гласат против договорот што е нивно демократско право.

Насловот е реклама за текстот, привлечен излог кој читателот треба да го погледне, кој треба да го повика читателот да го прочита текстот. Сите новинарски кодекси предупредуваат дека сè почесто таблоидите, а многу често и другите медиуми во потрага по ексклузивност не го почитуваат правилото дека насловот мора да пласира виситна и не смее да манипулира со читателите и да ги залажува.