Промовиран проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, проект за медиумска писменост со грант-шема

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Центарот за европски стратегии „Евротинк“ денеска го одржаа почетниот јавен настан (kick-off meeting) за проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој ќе се спроведува во наредните 3 години, со поддршка од Европската Унија. Целта на средбата е преку презентација на проектот да се поттикне соработката на полето на развој на критичко мислење и медиумска писменост во духот на отвореност и соработка на сите засегнати страни. При тоа, тимот на проектот ги претстави основните елементи на проектот пред јавноста и го најави првиот повик за мали грантови.

Основна цел на проектот е да промовира медумска писменост, рече програмскиот директор на „Метаморфозис“, Филип Стојановски, како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање култура за критичко размислување, плурализам на мислења и демократски вредности. Специфичните цели на проектот се:

• Да се поттикнува култура на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации врз демократијата и европските вредности.

• Да се зголемат капацитетите на граѓанските организации (ГО) и медиумите да се справуваат со медиумски манипулации (вклучително и говор на омраза) преку подобрување на медиумската писменост во содејство со државните институции.

• Да се зголеми побарувачката од граѓаните за поголема отчетност и одговорност на медиумите преку јавно неформално образование, промоција на професионалните стандарди и меѓународните практики за заштита на слободите на мислење и изразување.

Горан Лазаров, координатор на проктот од „Евротинк“, во своето излагање објасни дека ќе се спроведува програма за мали грантови преку која ќе бидат доделени вкупно 16 мали гранта во износ од по 5.000 до 7.000 евра. Програмата за регрантирање ќе се одвива во два циклуса. Првиот цуклус почнува од денеска, 1 јуни, и ќе трае до 31 март 2019 г. Предвидено е во рамките на овој циклус да бидат доделени 8 гранта, со кои ќе се поддржи по еден проект во секој од 8-те плански региони во Република Македонија. Вкупната сума на овој прв циклус ќе изнесува 50.000 евра, односно како што напоменав од 5.000 до 7.000 евра за грант. Истата сума се однесува и на вториот циклус, кој ќе се спроведува во периодот од 1 јуни 2019 до 31 март 2020 г.

„Би сакал малку подетаљно да ви објаснам за повико што го промовираме од денеска. Носители на апликациите може да бидат само локални граѓански организации што работат на основно, „грасрут“ ниво. Овој повик нема никакви ограничувања околу тоа кои од граѓанските организации може да аплицираат без разлика од кога се основани и која е нивната мисија сè додека идеите за проектите се совпаѓаат со целите на нашиот проект, а тоа е, пред сè, промовирање на медиумската писменост кај граѓаните. Тоа што го прави овој повик малку поразличен од другите, а е и во склоп со целите на проектот е дека секоја граѓанска организација ќе мора без исклучок да работи во партнерство со медиуми (локални или национални), а пожелно е да вклучуваат соработка со образовни и други јавни институции, како и други релевантни чинители“, рече Лазаров

Краен рок за аплицирање е 6 јули 2018 г. до 17 часот. Начинот на аплицирање ќе биде исклучиво онлајн преку формуларот за аплицирање достапен на официјалната интернет-страница на проектот http://crithink.mk. Спроведувањето на проектите ќе почне од септември 2018 г. и нивната имплементација не смее да биде подолга од 6 (шест) месеци, што значи ќе мора да завршат до крајот февруари 2019 година.

Обрасците за аплицирање (формуларот за аплицирање, буџетот и временската рамка) ќе треба да се пополнат на македонски јазик, при што само еден, формуларот каде што треба да се напише краток опис на проектот, ќе треба да биде пополнет на англиски јазик.

Важно е да се напомене дека листата воопшто не е ограничувачка, постои можност за поддршка и на други активности, доколку се утврди дека тие се во согласност со целите на проектот:

  1. Продукција на содржини за јавна едукација на интернет и/или за традиционалните медиуми (радио, ТВ, печат);
  2. Промоција на едукативните содржини преку различните видови медиуми;
  3. Поттикнување јавна дебата за прашања што влијаат врз медиумската писменост и критичкото мислење;
  4. Ангажирање на граѓаните за зголемување на нивните барања за производство на висококвалитетни медиуми;
  5. Градење на капацитетите на членовите на локалната заедница, вклучувајќи обуки, работилници и предавања;
  6. Онлајн-промоција преку кратки видеа, банери и други видови мултимедијални содржини;
  7. Овозможување на граѓаните да ги користат надлежните државни институции/ регулаторни тела, како и саморегулаторните механизми на новинарската професија за решавање на медиумските манипулации;
  8. Стратешка употреба на социјалните медиуми за да се допре до поширока и/или насочена публика, вклучувајќи онлајн-реклами;
  9. Воспоставување соработка и вмрежување помеѓу различни засегнати страни за застапување на медиумската писменост на локално и национално ниво;

Методологијата на програмата за мали грантови е дизајнирана и како процес на учење и надградување на организациите штоќе ги добијат грантовите. Одбраните апликанти во текот на целиот процес на имплементација ќе добиваат секаков вид поддршка од проектниот тим.

На почетокот на секој циклус на субгрантирање, проектниот тим најпрво ќе собере дополнителни информации од грантистите за контекстот во рамките на секој од регионите, како и за капацитетите на организациите и планираните активности во рамките на проектот. На почетокот на проектите на грантисите ќе им биде обезбедена тридневна обука со цел да им се помогне во спроведувањето на грантовите, и што ќе резултира со создавање детаљни работни планови од секој од грантистите.

Исто така, на грантистите ќе им биде овозможено да учествуваат на три вебинари на кои ќе се отвораат прашања што во тој момент ќе бидат најважни за нив.

Воедно проектниот тим ќе им овозможи на грантистите и менторство поврзано со административното и финансиското работење на проектот.Во периодот што следува ќе се организираат инфо-денови, односно информативни настани во секој од осумте планските регони:

Скопје, 7 јуни во АВМУ

  • Тетово, 11 јуни
  • Струга, 11 јуни
  • Битола, 12 јуни
  • Велес, 12 јуни
  • Куманово, 13 јуни
  • Штип, 14 јуни
  • Струмица, 14 јуни

Доколку има потреба, ќе се организираат и дополнителни инфо-денови.

На потенцијалните апликанти ќе им биде овозможено да постават прашање доколку им се потребни дополнителни појаснувања или дополнителни информации за повикот. Прашањата треба да се поднесат по е-пошта на адресата contact@crithink.mk најдоцна до 22 јуни 2018 г. до 17 часот, за да може да добијат одговори н време, пред истекот на крајниот рок.

Сите детали за повикот заинтересираните можат да ги погледнат тука.

Лајв-стрим од настанот може да се погледне ТУКА