Пукање во вистината

 

[Рецензија: Полицаецот кој нишанеше во народот денес има овластување да пука без да праша (ВИДЕО)]

 

Во „обландата“ на актуелната информација за изборот на новиот директор на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, филувана е серија на невистини, конструкции, фалсификувани факти и обид за амнестија на учесниците на крвавите настани во собранието од 27 април минатата година.

Линк до оригиналниот напис: Полицаецот кој нишанеше во народот од денес има овластување да пука без да праша (ВИДЕО)

Датум на објавување: 22.08.2018

Датум на рецензирање: 26.08.2018

Рецензент: Александар Писарев

Со замена на тези бескрупулозно се дискредитира новиот директор на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и се оспорува неговиот избор. Неговата професионална и со Закон за полиција дозволена реакција за време на тие настани да ги заштити од напад и линч пратениците и да спречи некој да загине, во текстот е опишана како: „напад на граѓани, уметници, пратеници, а пред сѐ патриоти во кои тој уперил пиштол и пукал“.

(Член 89 од Законот за полиција… „Полицискиот службеник е овластен да употреби огнено оружје кога на друг начин и со употреба на другите средства за присилба не може: 1) да го заштити својот живот или животот на другите луѓе;… )

Иако овие два настани немат никаква врска еден со друг, во текстот се внесува драматика дека, ете: „на истиот ден кога им се суди на тие луѓе, човек кој во нив впери оружје е награден и стапува на должност како директор на Бирото за јавна безбедност“.

„Украс на тортата“ е констатација дека „сега тој добива прво да пука без предупредување“. Пораката упатена до читателите е провидна, дека државата ни станува „дивиот запад“, а новоименуваниот директор „шериф“ – „полицаецот кој има овластување да пука без да праша“.

Еден од основните принципи на новинарската етика налага новинарот да објавува точни, проверени информации, да не прикрива суштински податоци и да не фалсификува документи.