Само медиумите на унгарските газди не го видоа Борисов во Скопје

 

Посетата на премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, на Република Северна Македонија беше вест на денот за македонските медиуми. Веста високо котираше и во медиумите во регионот, што е и разбирливо поради контроверзиите што ги следат македонско-бугарските односи од осамостојувањето на државата до денес. Сепак, за дел од медиумите во Македонија, оваа, по многу елементи историска посета на бугарски шеф на влада, како воопшто да не се случи. Неколку медиуми со слична опозициска политичка провениенција и блиски до ВМРО-ДПМНЕ комплетно или делумно ја игнорираа посетата на Борисов.

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

ПРОПАГАНДНАТА МАШИНЕРИЈА НА ОРБАН ПРОТИВ ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА

Случајно или не, овие медиуми имаат уште една заедничка црта – тие изминатиов период директно или преку посреднички фирми беа купени од унгарски газди и медиуми, блиски до политиките на десничарскиот претседател на Унгарија, Виктор Орбан. Кога ќе се земе предвид фактот дека токму Орбан му го одобри политичкиот азил на осудениот експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во Унгарија, работите почнуваат да ги добиваат вистинските (политички) контури.

На посетата на бугарскиот премиер на Скопје му претходеше период на засилени дипломатски чекори помеѓу двете земји, пред сè, потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка, чијашто двегодишнина од потпишувањето се совпаѓаше со доаѓањето на Борисов во Македонија. Еден од договорените чекори во насока на подобрување на меѓусебните односи помеѓу Македонија и Бугарија беше и затворањето на спорните прашања од историјата за кои досега двете земји и нивните историски учебници имаа различни, често дијаметрално спротивставени толкувања.

Контроверзиите на тема историја и историски личности меѓу двете држави, сепак, продолжија да се развиваат и во текот на изминативе две години преку епизоди, како таа од пред два месеца, кога бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, се закани дека доколку нема договор за датумот за чествување на сеќавањето на Гоце Делчев, Бугарија ќе го откаже учеството во мешовитата комисија со Македонија. Додека, пак, министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, дури се закани дека Македонија нема да влезе во НАТО и ЕУ ако не го прифати ставот на Бугарија за историските прашања.

 

БОРИСОВ ИМ СЕ ИЗВИНИ НА МАКЕДОНЦИТЕ, НЕТПРЕС И КУРИР НЕ ГО СЛУШНАА

Во светлото на овие контроверзии, посетата на Борисов на 1 август навистина беше високопрофилен настан, а изјавите на бугарскиот премиер за време на престојот во Скопје, кои, главно, имаа смирувачки и конструктивен тон со право ги полнеа страниците на мнозинството домашни и регионални медиуми. Тој дури и отворено се извини за употребата на изразот „Северномакедонци,“ што не е мал потег кога се во прашање билатерални односи обременети со дилеми и емоции какви што се македонско-бугарските.

Тоа беше само причина повеќе медиумите будно да го следат сето тоа што ќе биде кажано и сторено за време на посетата на бугарскиот премиер на Република Северна Македонија.

Сепак, за порталите „Република“, Курир, „Нетпрес“, посетата на Борисов на Македонија како да не се случила, бидејќи тие воопшто не пренесоа ниту една единствена, дури ниту најштура информација дека настанот се случил, а камоли детаљно да известуваат за искажаните ставови на македонската и на бугарската страна или за чествувањето во Дојран. Телевизијата „Алфа“, пак, со слична политичка обоеност, за разлика од веќе спомнатите медиуми, за посетата на Борисов на својот портал извести исклучително штуро, објавувајќи една единствена куса и протоколарна информација за посетата и за активностите што Борисов ќе ги има со својот домаќин, македонскиот премиер Зоран Заев. И, иако се работи за визуелен медиум, како и за визуелно исклучително податлив настан, преполн со случувања, телевизија „Алфа“, барем до пишувањето на овој текст (1.8.2019) немаше објавено ниту една единствена минута видеоматеријал.

 

ВМРО-ДПМНЕ КОНТРА ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ПОЛИТИКИ НА ЗАЕВ

Може само да се претпоставува која е причината за ваквиот своевиден бојкот на посетата на Борисов на Македонија од страна на овие медиуми, бидејќи ниту еден од нив експлицитно не се изјаснил дека овој настан го бојкотира. Сепак, поради блискоста до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзините политики, со право може да се претпостави дека тие, всушност, ги следат насоките поставени токму од опозициската партија, која уште од промената на власта и формирањето на Владата на чие чело се наоѓа Зоран Заев, претседател на СДСМ, упорно се спротивставува на меѓудржавниот договор помеѓу Македонија и Бугарија, кој беше еден од првите чекори на новата коалициска Влада на СДСМ и ДУИ, која подобрувањето на односите со сите соседи го најави како стратешки приоритет. Позната е изјавата на тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека партијата нема да му даде поддршка на Договорот за добрососедство со Бугарија. Следуваше отворено искажаното незадоволство на владејачката партија на Борисов во Бугарија, ГЕРБ, од кандидатката за претседател на Македонија, професорката Гордана Силјановска, а политиките за градење добрососедство на Заев со Бугарија честопати жестоко беа критикувани како од самата партија, така и од личности познати како опинион-мејкери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку социјалните мрежи.

Без желба за мешање во уредувачката политика на кој било медиум, вака доследното следење партиски насоки остава впечаток на неодмереност и непрофесионалност. Кога еден настан од ваков профил каква што е посетата на бугарскиот премиер на Македонија комплетно или делумно се игнорира од медиум(и), само затоа што тоа не ѝ одговара на одредена политичка опција, тоа гласно зборува за нивната објективност. Игнорирајќи вест, тие практично ја игнорираат смислата на информативните медиуми чиишто информативни содржини се базираат нa едноставните правила за newsworthiness, односно за тоа што вреди да биде вест, а што не. Тие, да потсетиме само на најглавните, би биле отприлика следниве: тајмингот (timing) – вест е нешто што е ново, важност (significance) – дали информацијата е значајна или не, близина (proximity)- дали се однесува на нешта што се блиску до читателот, дали се работи за вест поврзана со позната личност или настан (prominence), место и дали има интерес за таа информација (human interest).

Конечно, новински медиум кој претендира да ѝ се обраќа на пошироката публика, сепак, треба да ја исполнува својата улога на информатор за настаните што се случуваат, инаку неговата цел останува исклучиво пропагандата.