Само за македонските портали Албанија двапати објави список со шпиони

 

Во еден ден најмалку 24 македонски медиуми објавија дека Албанија по грешка објавила список со свои разузнавачи. Сосема коректно, сите до еден се повикаа на текст на британски „Индепендент“, во извештаите доволно изменет за да не бидат совршен плагијат. Проблемот е што веста е стара две недели. И што ја објавуваат вторпат

 

Пишува: Игор К. Илиевски

 

„Албанија по грешка на интернет ги објави тајните податоци за своите разузнавачи“. „Албанија случајно на интернет објавила чувствителни информации за своите најистакнати разузнавачи“, „Албанија, членка на НАТО, случајно на интернет објави тајни податоци за своите најдобри разузнавачи“, „Паника во НАТО, Албанија по грешка објави…“, „Тревога во НАТО, Албанија го објави списокот…“  Во понеделникот, на 24 декември, вака гласеа најмалку 24 наслови во македонските медиуми, главно „портали“, а „известувањето“ за скандалот продолжи и во вторникот на 25 декември. И сите се точни. Но, вторпат. И две недели стари.

Фото: Тајм.мк (кликни за поголем формат)

 

ШТО СЕ СЛУЧИ

Македонските медиуми, доволно коректно, пренесоа текст на британски „Индепендент“, но стар две недели. За аферата со списокот со албански разузнавачи весникот извести на 8 декември. Дел од македонските медиуми, сосема коректно и навремено, веста ја пренесоа тој и наредниот ден, на пример МКД и PRESSING.

 

Ист портал, иста вест, се повикува на ист напис – објавена еднаш и потоа две недели подоцна уште еднаш. Фото: скриншот

 

Но, по цели 15 дена, со особена страст, македонските медиуми ѝ се навратија на приказната. За разлика од првата сесија на пренесувања на веста, вторава беше далеку помасовна, а и со многу поголемо внимание. Некои медиуми побараа експертиза на случајот, а некои се обидоа да го доискористат за уште по некој клик на страницата со познатите „Еве кои се…“ наслови-мамки.

 

ПСИХОЛОГИЈА НА ТОЛПАТА

Психологија на толпата е цела гранка во социјалната психологија, со неколку теориски гледишта. Но, основата е следната: „однесувањето на толпата е под силно влијание на губењето на одговорноста на поединецот и впечатокот за универзалноста на однесувањето, кои се зголемуваат со големината на толпата“. Со други зборови, толпата се однесува многу понеодговорно од поединецот, кој сопствената неодговорност ја затскрива зад масата – колку е поголема, толку е понеодговорен.

Во случајот со веста за албанскиот список, колку повеќе медиуми ја пренеле, толку секој следен медиум може да ѝ посвети помалку влијание. И, за жал, тоа не е првпат, туку е дневна пракса, особено кај порталите.

Во вторникот, некој, по две недели, ја забележал веста на „Индепендент“ или, поверојатно, нејзин превод на регионален или домашен медиум, му се видела интересна, не го забележал, не го нашол или, едноставно, го игнорирал фактот што е две недели стара и дека веќе е објавена и ја објавил. Во рок од десетина минути веста ја презеле уште неколку веб-страници, за до крајот на денот да стане општо прифатена.

 

КАДЕ Е ПРОБЛЕМОТ

Иако, во основа, релативно коректно пренеле туѓа приказна и се повикале на изворот, во случајов медиумите пренеле стара вест, згора и веќе објавена во Македонија. Со тоа и формално прекршиле најмалку две начела на Кодексот на новинарите на Македонија:

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
(Кодекс на новинарите на Македонија, Принципи на однесување)

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
(Кодекс на новинарите на Македонија, член 1, став 2 и 4)

Кога ја виделе веста, новинарите биле должни да ја проверат. Најмалку што можеле да направат е да го најдат оригиналниот текст на „Индепендент“ и барем да наведат кога е објавен. Патем, требало да забележат дека веста уште пред две недели е објавена во македонски медиуми. Но, ни тие што уште тогаш, навремено, ја објавиле веста, не ѝ одолеале на психологијата на толпата: PRESSING навреме ја објавил веста, на 9 декември, но повторно и на 24-ти. Други, пак, како „Макфакс“, ја објавиле двапати во рок од неколку часа.

Во целата мешаница, само еден медиум постапил попрофесионално со тоа што побарал експертско мислење за веста, односно за влијанието на скандалот врз Македонија. Но, ни текстот, ниту соговорникот не споменуваат дека се работи за ситуација од пред две недели.

Во секој случај, Македонија во моментов не се соочува со никакви потенцијални закани, туку, напротив, има добивка. Со други зборови, македонските тајни служби на тацна од Албанија го добија сето она што тие самите требаше да го детектираат. Едноставно, не постои друго објаснување, освен дека албанските разузнавачи постигнаа спектакуларен автогол, објаснува (Владимир) Пивоваров (националниот координатор за гранично управување во Владата на Република Македонија). (Извор: „Слободен печат“: Пивоваров: Ние имаме само корист од скандалот со албанските разузнавачи)

Автогол да, но за македонските портали, затоа што, покрај етичкиот кодекс, го прекршиле и основното правило на веста – таа мора да одговори на прашањата: кој, што, кога и каде. Во случајов, ова и не е вест, затоа што е две недели стара информација.

Да сумираме: поведени од психологијата на толпа, повеќе од дваесет медиуми (1.) објавиле стара информација, (2.) ја објавиле вторпат, (3.) не навеле кога се случило тоа за што информираат. Четвртиот, во случајот помал проблем, е што најголем дел од нив информацијата ја „преработиле“ само толку, што едвај избегнале плагијаторство – ниту ја проверилениту се обиделе да ја прошират. На крајот, може да извлечеме и „правило“: колку повеќе има слични наслови за една вест, толку е помалку веродостојна информацијата.