Сатирична приказна за Србија претставена како репортажа за Македонија

[Рецензија: КАКО ЕДЕН АМЕРИКАНЕЦ ЈА ОПИШУВА МАКЕДОНИЈА ]

Речиси 10 години стара сатирична приказна е извадена од некоја фиока, реобјавена и претставена како видување на американски новинар за животот во Македонија. На прво читање нема ништо сомнително во текстот. Репортажно напишаните реченици навистина може да алудираат дека станува збор за опишување на Македонија, особено затоа што станува збор за нечие лично видување односно перцепција.

Линк до оригиналниот напис: КАКО ЕДЕН АМЕРИКАНЕЦ ЈА ОПИШУВА МАКЕДОНИЈА

Датум и време на објавување: 23.7.2019

Датум на рецензија: 29.07.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Во текстот што го рецензираме неточно е претставувањето на авторот на текстот, за кој пишува дека  е американски новинар, но не е наведено за кој новинар станува збор и за кој медиум работи. Но, вистината е сосема поинаква. Не станува збор ниту за американски новинар, а уште помалку за приказна за Македонија.

Вистинскиот автор на приказната е новинарот и сатиричар од белградскиот весник „Вечерње новости“, Бојан Љубеновиќ кој приказната ја смислил за „Новости“ и била објавена во нивното печатено издание во 2011 година.

Интересно е што текстот, со погрешен автор, е објавен и во еден од најпознатите и најрелевантни српски медиуми – весникот „Политика“, каде како автор е потпишан Дејвид Картер, новинар во британски „Тајмс“. Српските медиуми стапиле во контакт со Картер кој рекол дека никогаш не ја ни прочитал, а камоли да ја напише приказната.

И речиси 10 години оваа приказна по потреба се актуелизира, се препишува и прераскажува како автентично видување за некоја од балканските земји. Вистинскиот автор на текстот неколку пати објаснил дека тој ја смислил приказната, а не некој странец новинар, но тоа не спречило приказната да се шири масовно со погрешен автор. Испратил и два деманти до „Политика“ кои биле објавени, но штетата веќе била направена. И една деценија подоцна тој сè уште трпи штета бидејќи разни медиуми и портали, па дури и во Македонија објавуваат текст како овој што е предмет на рецензија, и креативното авторско дело на Љубеновиќ му го препишуваат на друг.

А плагијаторството, непотпишаните текстови и текстовите со згрешени имиња на авторите се едни од најголемите „гревови“ кои може да се направат во новинарството и кои го рушат угледот на професијата.