Седницата на ЦК нa ВМРО-ДПМНЕ изнедри смени и – дезинформации

 

[Рецензија: Вратен пасошот на Мијалков со ’помош’ на СЈО?]

 

Во текот на празничното претпладне на 23 октомври, на социјалните мрежи се појавија вести дека наводно власта му го вратила пасошот на повеќекратно обвинетиот од Специјалното јавно обвинителство, Сашо Мијалков, кој дури и веројатно побегнал од земјава.

Линк до оргиналниот напис: Вратен пасошот на Мијалков со ’помош’ на СЈО?

Датум на рецензирање: 23.10.2018

Датум на објавување: 23.10.2018

Рецензент: Љубомир Костовски

Иако во насловот има прашалник, во текстот не стои никаква форма на дилема или сомнеж од страна на авторот. Туку, со доза на убеденост, стои „дека на барање на СЈО, Кривичниот Суд Скопје му ја одзеде патната исправа – пасош како мерка за безбедност“. Потоа, се продолжува со дескрипцијата дека „вчера низ т.н. независна, законска и проевропска, ЕУ интегративна процедура со одобрение на СЈО и Јанева, судот му го вратил пасошот на Сашо Мијалков“, па, за да се убеди читателот, се додава оти наводно се поседува оригиналот на документот, кој треба да биде клучен факт во вистинитоста на објавеното кое гласело „во образложението стои дека патната исправа му треба за да комуницира со странство како стопанственик и дека тоа нема да влијае врз редовното присуство на рочиштата“. Наводно судот по консултации со СЈО и специјалната обвинителка Катица Јанева ја прифатил „променетата” позиција кон обвинетиот. Освен што има еден зајадлив коментар во себе, содржината се реди во некаков логичен ред, кој треба да нè направи чувствителни кон суштината: на што објективно се потпира авторот? Има ли тој навистина документ пред себе, изјава на актер во таа процедура, дури и сведок на дејствието кое е така хронолошки поставено?

Но, затоа оваа сензационална вест во свеста на читателот се поврзува со изјавата која раководството на партијата ВМРО-ДПМНЕ ја објави по чистката во своите редови во вторникот рано наутро и со која се потврдува дека ЦК го исклучил од партијата Сашо Мијалков, поранешен прв човек на УДБ и братучед на експремиерот Никола Груевски. Ова сознание посебно се поклопува со наводната причина за исклучувањето на клучниот човек во партијата во изминатите 11 години – наводниот „дил“ на претседателот на Владата, Зоран Заев и споменатиот Мијалков околу обезбедување на мнозинство во Собранието на РМ, по повод стартот на уставните измени. Обидот да се пласира тезата за ваквата „врска“ се покрива со „вест“ дека, ете, Мијалков е веќе награден со враќање на патната исправа.

Веста веднаш беше демантирана од страна на СЈО, каде се објаснува дека „СЈО досега не донело ниту една позитивна одлука по барањата за враќање за патните исправи поднесени од лица на кои истите им се одземени а против кои СЈО покрена кривични пријави. Со еден ислучок, кога станува збор за Драган Павловиќ Латас на кој СЈО му ја врати патната исправа поради лекување на член на потесното семејство во странство.

Самиот Мијалков на 23 октомври даде и кусо интервју, со што се демантира и приказната за бегство на спомнатиот, пласирана на социјалните мрежи.

Пласирањето на очевидната дезинформација мириса на некаков „пакет аранжман“ во функција на последната драматична седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Целта која од аспект на актерите на една драматична ноќ секако би се постигнала е да се најде некакво наводно оправдување за смените во партијата. Без оглед што се работи за фаул врз вистинитоста и за атак врз неколку институции (Владата, судот, СЈО).