Секој човек има право на слобода на мислите, совеста и верата

Слободата на вероисповед и уверување и одвоеноста на верските заедници од државата се предмет на интерес на медиумите, меѓутоа, во медиумскиот опфат на оваа проблематика често не се воочуваат проблематичните ситуациии и најчесто изостанува критичкиот и едукативен пристап.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

Според член 19 од Уставот на Република Македонија:

Се гарантира слободата на вероисповед.

Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско – Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.

Во овој член се содржани две различни содржини: слободата на верување и одвоеноста на верските заедници од државата.

Слободата на вероисповед претставува индивидуална слобода на секој човек да верува во што сака и најслободно да го манифестира своето верување. Слободата за изразување на својата вера или своите убедувања, Според Европската конвенција за човековите права:

…може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.

Гаранцијата за слободно и јавно изразување на верата, дадена во Уставот, не е условена од постоење или регистрирање верска заедница. Тоа значи дека за да веруваат и да ја практикуваат својата вера (индивидуално и заедно со други) на граѓаните не им е потребно постоење на верски заедници. Според Европската конвенција за човековите права:

Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали.

Верските заедници се доброволни здружувања на луѓето со истоветна вероисповед. Овие здруженија имаат правен субјективитет и како правни лица тие се одвоени од државата. Одвојувањето од државата значи дека:

  1. Државата не треба да се меша во внатрешната организација на верската заедница и во содржините кои таа ги промовира (сѐ додека тие не се во спротивност со законите и со правата и слободите на граѓаните гарантирани со националното и меѓународно право).
  2. Верските заедници не треба да се мешаат во работата на законодавната, извршната и судската власт, да вршат било какви влијанија врз нив, да бидат перцепирани како дел од било која од овие власти, да добиваат посебни бенефиции од државата или да бидат третирани на поповолен начин од останатите здруженија на граѓани.

Слободата на вероисповед и уверување и одвоеноста на верските заедници од државата се предмет на интерес на медиумите, меѓутоа, во медиумскиот опфат на оваа проблематика често не се воочуваат проблематичните ситуациии и најчесто изостанува критичкиот и едукативен пристап.

Само како пример, може да се анализира случајот на нерегистрираната верска заедница  ПОА и на Јован/Зоран Вранишковски. Во конкретниот случај станува збор за две паралелни линии на прекршување на Уставот и меѓународните документи.

 

1. Прва линија на прекршување

Првата линија на прекршување на Уставот и меѓународните договори се однесува на регистрацијата на верската заедница.

Полициските акции, судските процеси поврзани со (не)регистрацијата на ПОА, решението на Уставниот суд за одбивање на иницијативата поднесена од страна на Давид Нинов, и последното, мислењето од Комисијата за заштита од дискриминација, требаше да го предизвикаат интересот на медиумите од аспект на слободата на вероисповед.

Во отсуство на анализа, идентификување на проблемот и негово презентирање, а во ситуација на едноставна дисеминација на информации и изјави, медиумите стануваат дел од ограничувањето на слободата на вероисповед (на пример во Утрински “Битолчани бараат Синодот да расчисти со расколникот Јован – по слугувањето на Зоран Вранишковски на туѓа црква и создавањето свои „манастири“; ИнПресс „Народното движење за Македонија бара сузбивање на дејноста на Вранишковски“).

Ниту инциденти, како оној кој медиумите го забележаа на гробиштата во Кавадарци, не ги поттикнаа медиумите да го анализираат проблемот на слободата на уверување во контекстот на меѓународните документи кои Македонија ги има ратификувано, и Уставот на државата.

Во 2014 година повеќе медиуми ја пласираа сторијата за можната одлука на Европскиот суд за човекови права во полза на ПОА и обврската која што би произегла за Македонија од една ваква одлука, за регистрација на ПОА (“Македонија ќе мора да ја регистрира ПОА?“, ). Меѓутоа, дури ни ова не е искористено за пошироко објаснување на проблемот токму од аспект на заштитата на правото на слобода на верата и уверувањето и поставување на прашањето за соодветноста на постоечката законска регулатива која не само што не ја штити оваа слобода, туку, напротив, придонесува за нејзино непотребно и недемократско ограничување.

Што пропуштија да прашаат новинарите?

  • Зошто некој може да практикува верски обреди единствено во рамките на регистрирана верска заедница и со кое право се спречуваат луѓето слободно и јавно, поединечно или во заедница со други да ја изразуваат верата?
  • Зошто државата одбива да регистрира верска заедница која очигледно не ги нарушува: јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите?
  • Што значи терминот „туѓа црква“, „расколник“ , „свој манастир“ во контекстот на слободата на вероисповед така како што е дефинирана во Европската конвенција за човековите права и како можат овие квалификации да имаат важност за судовите и утврдувањето на правниот субјективитет на една верска заедница?

 

(продолжува)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење