Шлаканица за новинарските стандарди, а не за Заев

[Рецензија: Тереза Меј со жешка шлаканица за Зоран Заев (ВИДЕО)]

Овој текст е класичен пример за манипулација со информациите и спинување на вистината.

Линк до оригиналниот напис: Тереза Меј со жешка шлаканица за Зоран Заев (ВИДЕО)

Датум и време на објавување: 24.5.2019

Датум на рецензирање: 28.5.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот има впечатлив, ама манипулативен наслов. Кога ќе кажете дека некој некому удрил жешка шлаканица, во политичкиот речник се мисли дека некој некому му упатил остра порака. Во случајов се мисли на британската премиерка Тереза Меј. Насловот сугерира дека таа му упатила  директна, непријатна и жестока  порака на македонскиот премиер Зоран Заев. Што воопшто не е точно.

Кога ќе го отворите текстот ќе видите дека изјавата на Меј нема апсолутно никаква врска со Заев и оти станува збор за своеволно интерпретирање на говорот на британската премиерка по повод нејзиното напуштање на функцијата. Имено, Меј соопшти дека ќе се повлече од премиерската и од лидерската функција во партијата поради неуспехот со Брегзитот, односно со напуштањето на Велика Британија на Европската Унија.

Но, оваа медиумска содржина говорот и пораките на Меј ги става во контекст на одлуките на Заев, што претставува чиста манипулација. Па така, иако уште на самиот почеток се кажува дека Меј директно не го спомнала Заев, веднаш потоа се креира извртена слика дека, наводно, индиректно го посочила токму македонскиот премиер!

Иако не е директно споменат, во своето обраќање во кое најави оставка, британската премиерка Тереза Меј индиректно го допре и однесувањето на македонскиот премиер Зоран Заев во однос на почитување на одлуките донесени од граѓаните.

Зборувајќи за британскиот референдум за Брегзит, Меј рече дека сите лидери мора да ја почитуваат волјата на граѓаните искажана на народно изјаснување организирано од политичарите.

И во еден таков манипулативен тон со видлива тенденциозност се прави паралела на Брегзит и македонскиот референдум од минатата година (2018). Односно, во контекст на говорот на Меј и нејзиниот неуспех да го спроведе Брегзитот за кој се изјаснија мнозинството Британци на референдум во јуни 2016 година, се става и референдумот што се спроведе кај нас за промена на името на државата, поточно граѓаните требаше да се изјаснат дали се „за“ или „против“,  „за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“.

За разлика од Меј, која се обиде да го испочитува резултатот од референдумот за Брегзит, каде разликата се мереше со делови од процент, Заев и покрај тоа што му недостасуваа 13 проценти за успешен референдум, а ДИК официјално го прогласи за неуспешен, отиде против одлуката на граѓаните и го промени уставното име.

Референдумот во Британија и референдумот во Македонија не можат да се споредат од проста причина што во Британија имаше успешен референдум на кој мнозинството, над 50 отсто од Британците, гласаа за напуштање на Европската Унија. Во Македонија имавме неуспешен референдум, бидејќи немаше доволен цензус тој да се прогласи за успешен.  Тоа беше и причината поради која Собранието, по предлог на Владата, изгласа усвојување на Преспанскиот договор и промена на уставното име на државата.

За каков шамар во текстот станува збор, не е јасно. Не може постапките на Заев да се ставаат во контекст на постапките на Меј, бидејќи станува збор за сосема друга ситуација. Тоа е чисто извртување на фактите и манипулација со јавноста, што е спротивно на новинарските кодекси и правила.

Задача на новинарот е да информира, а не да манипулира и да ги извртува информациите така како што нему му одговара. Во тој случај не може да се зборува за објективно новинарство. Кога на јавноста во некој текст ѝ се сервираат пристрасни информации, тоа не е професионален и одговорен новинарски пристап. Во конкретниот случај слободно може да се каже дека написот што е предмет на оваа рецензија личи на политички памфлет.