Шпекулативен текст за љубителите на теории на заговор

 

[Рецензија: МАКЕДОНИЈА СТАНУВА РАДИОАКТИВНА ДЕПОНИЈА НА НАТО: Лазански коментира дека НАТО ќе го добие Криволак, а Македонија – радиоактивен отпад!]

 

Шпекулација, сензационализам, манипулација, спин, лажна вест. Сите овие квалификации важат за насловот и за текстот, кој, всушност, пренесува колумна на лице претставено како воено-политички аналитичар. Но, покрај сите овие квалификации, оваа „вест“, инаку напишана по вкусот на љубителите на теории на заговор, се повторува во циклуси, и тоа секогаш кога се случуваат моменти битни за интеграцијата на Македонија во НАТО. Овој пат, Криволак е „бомбардиран“ од тврдења на Мирослав Лазански.

Линк до оригиналниот напис:  МАКЕДОНИЈА СТАНУВА РАДИОАКТИВНА ДЕПОНИЈА НА НАТО: Лазански коментира дека НАТО ќе го добие Криволак, а Македонија радиоактивен отпад!

Датум и време на објавување: 12.2.2019

Датум на рецензирање: 13.2.2019

Рецензент: Игор К. Илиевски

Во текстот што го рецензираме е пренесена колумна објавена во српски медиум. Колумната е објавена во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, прв на кој учествува Македонија по потпишувањето на пристапниот протокол. И ова не е единствениот медиум, кој се „налепи“ на тврдењата на Мирослав Лазански.

Што добива НАТО со влегувањето во членство на Македонија? Пред сè, воениот полигон Криволак, единствен полигон во Европа каде што се можни вежби со некои видови вистински бојни отрови. Ќе гаѓаат ли сега американските авиони А-10 цели на Криволак со муниција со осиромашен ураниум? Се разбира, бидејќи кој во Скопје би можел да му постави такво прашање на големиот сојузник? Никој. Ќе бидат среќни ако големиот сојузник им вети дека Албанците еден ден нема да им ја растурат државата. Сè што добива Скопје со влегувањето во НАТО е тоа ветување. Усно, не и на хартија…

Освен Криволак, пишува Лазански, НАТО го добива на користење и цивилно-воениот аеродром во Петровец кај Скопје.

Лазански, претставен како воено-политички аналитичар, своето мислење го соопштува во колумна во белградска „Политика“. Колумната, како жанр, е став на авторот за одредено прашање. Авторот има одредена слобода во толкувањето на фактите и во одмерувањето на своите изјави, зад кои стои со доказите што ги презентира и, во крајна линија, со своето име и презиме, односно со својот кредибилитет. На пример, во истата колумна Лазански предупредува дека Црна Гора, најмладата полноправна членка на НАТО, е во опасност нејзините плажи да ги преплават „илјадници морнари на НАТО“. Конечно, за издржаноста на искажаниот став суди јавноста.

Но, кога друг медиум пренесува ставови од колумна, правилата веќе се поинакви. Сега ставот од колумната се пренесува како вест, а со тоа медиумот има обврска да ја провери нејзината точност. Така, сите медиуми што ги пренеле тврдењата, прашањата и ставовите на Лазански од колумната во „Политика“ биле должни да ги проверат. Тие што не направиле проверка на изречените тврдења ги прекршиле членовите 1 и 13 од Кодексот на новинарите на Македонија, во кои е прецизно дефинирано дека:

(1) Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е можно.

(13) Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

А да ги провереле, ќе морале да наведат дека министерката за одбрана Радмила Шекеринска веќе демантира (август 2018 г.) дека на Криволак некогаш се користел осиромашен ураниум и изјави дека тој нема ниту да се користи. Уште повеќе, овој демант дојде по тврдења на истиот медиум дека на Криволак се користела муниција со осиромашен ураниум, кои беа објавени откако Македонија минатата година доби покана за членство во НАТО.

Згора на тоа, јавноста се плаши со можноста на Криволак да се вежба и со бојни отрови,  забранети со Конвенцијата на Обединетите нации за забрана на хемиско оружје од 1997 година, која Македонија ја ратификува истата година. На крајот, но не и најмалку важно, ќе откриеле и дека буквално секој македонски министер за одбрана го нудел Криволак како полигон за обука и на балканските земји и на НАТО.

Вака пренесено, непроверено и непоткрепено со ниеден факт, мислењето на Лазански е тенденциозна шпекулација преку која се проектира теорија на заговор и создава неоснован страв кај јавноста, за кој не е понуден ниеден доказ. Наједноставно опишано, ваквата „анализа“ е издржана колку и кафеански муабет.