Што не е јасно во текстот? Сè!

[Рецензија: СКАНДАЛОЗНО: Во Домот на млади во Штип исмевање на Богородица – граѓаните прашуваат какви трендови се шират кај младите? (ВИДЕО)]

 

Текстот што го рецензираме претставува класичен пример за мешање баби и жаби. Написот информира за уметнички перформанс што се одржал во Домот на млади во Штип, но се поврзува со празникот Успение на Пресвета Богородица. Проблемот е што не е покажано дали двата настана имаат каква било поврзаност.

Линк до оригиналниот напис: СКАНДАЛОЗНО: Во Домот на млади во Штип исмевање на Богородица – граѓаните прашуваат какви трендови се шират кај младите? (ВИДЕО)

Датум и време на објавување: 4.9.2018

Датум на рецензирање: 10.9.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

На 28 август оваа година, на еден од најголемите христијански празници, Успение на Пресвета Богородица, во Домот на младите во Штип беше организиран уметнички перформанс, со кои според граѓаните на срамен начин се „величи“ голото женско тело меѓу сите други облечени.

Написот почнува со информација за одржан уметнички перформанс и веднаш се наметнува дека перформансот, кој не им се допаднал на граѓаните, се одржал токму на големиот празник Успение на Пресвета Богородица. Перформансот граѓаните го оцениле како срамен начин на кој се величи голото женско тело.

Штом вака почнува текстот, се очекува надолу да има објаснување, поткрепено со изјави, факти и издржани новинарски аргументи, кои ќе го убедат читателот во тоа што е напишано на почетокот.

Според штипјани, подлото исмевање на женската плодност преку симулација на женското крвавање и разлеана крв во меѓуножјето на гола жена е јавен срам, поради датумот кога бил организиран, овој перформанс бил исмевање на Пресвета Богородица.

Се наведува дека, според штипјани, подло била исмеана женската плодност преку симулација на женското крвавење и разлеана крв во межуножјето на гола жена. Прво, крвавењето кај жените е природна работа и нема ништо срамно во тоа, а како сето тоа се поврзува со исмевање на женската плодност и особено каква врска има сето тоа со празникот и исмевањето на светицата Богородица, сè уште не е јасно. Точно е дека не е ниту упатно ниту толерантно да се исмеваат верските чувства на граѓаните, но овде немаме показатели дали такво нешто се случило или дали некој имал таква намера. Со ништо не е покажана и докажана поврзаноста меѓу перформансот и празникот – дали некој намерно инсистирал перформансот да биде токму тој ден или станува збор за случајност? Дали на перформансот бил на некој несоодветен начин спомнат празникот или не? Текстот за тоа ништо не кажува.

Според граѓаните, ако се земе предвид дека за штипјани ова е еден од поголемите празници со долга традиција младите масовно да ја посетат истоимената црква во Ново Село, институционално организирање еден ваков настан токму во Домот на младите е очигледно сквернавење на христијанската светост и исмевање на мајката Исусова.

Тука се посочува дека младите на овој ден требало да одат во црква, а не на вакви „срамни перформанси, кои ја исмевале мајката на Исус“. А, зошто тоа треба да биде така, цврсти наводи нема. Нема ниту изјави од граѓаните кои тоа наводно го рекле, со што таквите наводи ја губат својата тежина. Ваков начин на изразување со користење на зборовите „според граѓаните…“ е дел од политичкиот говор. Политичарите се тие што како народни избраници употребуваат вакви зборови, говорат во име на граѓаните, но тоа не се однесува и на новинарите. Новинарите не се од никого избрани и не е упатно тие да се ставаат во улога на народни трибуни. Она што новинарите можат и треба да го направат, е да соберат изјави од граѓаните и да ги претстават нивните ставови на објективен начин.

За штипјани голем проблем претставува што и овој пагански перформанс, посетен од малолетни и едвај полнолетни деца, е организиран во Домот на млади, институција што ја води општината, предводена од градоначалникот Благој Бочварски.

Веќе станува јасно која е целта на текстот, тој има политичка заднина. Дали малолетни и „едвај полнолетни деца“ ќе можат или нема да можат да посетуваат театарска претстава не е надлежност на градоначалниците, туку на самиот театар, на авторите на конкретната претстава и, конечно, на родителите на децата. Настрана фактот што не е јасно што значи тоа „едвај полнолетни деца“. Некој е или малолетен, односно е помлад од 18 години, или е полнолетен и е постар од 18 години. Правото и законите не познаваат категорија „едвај полноелтни деца“.

Целиот текст е непрофесионално изработен и освен наводи, не содржи ништо друго. Задача на новинарот не е да наведува и да манипулира, туку да информира. Кога го читате текстот имате чувство како дејството да се одвива во периодот на инквизицијата. Младите требало да одат во црква, а не на вакви „срамни“ уметнички перформанси. А, што е срамно во целиот перформанс, уште не е јасно. Дали целта навистина била исмевање на Богородица, и тоа останува енигма, бидејќи нема изјава од организаторот на перформансот.