Снимката открива дека немало предизборно уценување на гласачите

[Рецензија: Случај за ОЈО: Ќе си гласате за Стево, па ќе гу асфалтирам улицу]

Напис што се занимава со предизборна средба на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој исто така е кумановец, со жители на улиците 150, 151 и 152 од населбата Рајкова Куќа во Куманово на 30 април, е предмет на оваа рецензија. Во него се тврди дека Димитриевски и Спасовски ги уценувале граѓаните да му дадат поддршка на претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, на претстојните избори, а за возврат, наводно, ќе им била асфалтирана улицата. Проверката на аудиоснимката од самата средба, која е дадена во текстот, укажува дека разговорот на граѓаните со кумановскиот градоначалник и министерот за внатрешни работи, дојдени во својство на претставници на Социјалдемократскиот сојуз на предизборна средба со граѓаните, се одвивала поинаку отколку што се тврди во текстот.

Линк до оригиналниот напис: Случај за ОЈО: Ќе си гласате за Стево, па ќе гу асфалтирам улицу

Датум и време на објавување: 2.5.2019

Датум на рецензирање: 3.5.2019

Рецензент: Југослава Дуковска 

 

Написот што го рецензираме тврди дека:

предизборната кампања за претседател се сведува на ветување дека оваа улица во Рајкова Куќа ќе се асфалтира, а за тоа ќе помогнел Пендаровски, кој ќе обезбедел пари од ЕУ и НАТО (што ниту е работа на претседателот ниту е возможно).

Се тврди, исто така, дека двајцата функционери на СДСМ со уценувачки тон зборуваат со граѓаните, што претставува кршење на Изборниот закон и тоа било работа за Јавното обвинителство. Всушност, се работи за една од многубројните слични предизборни средби на партиски претставници во кампања за избор на претседател на државата со локално население, кои главно се одвиваат по исто сценарио – политичарите се обидуваат да ја пренесат пораката до граѓаните, додека, пак, граѓаните настојуваат да ги искомуницираат со нив своите проблеми и барања. Сепак, на неа никаде од претставниците на партијата која е на власт и на локално и на централно ниво не е искажан став кој би можел да се претстави како уцена или трговија со гласовите на граѓаните за да им се асфалтира улицата што тие ја бараат. Токму спротивното, градоначалникот на Куманово одговара дека не е можно улицата да им се асфалтира годинава.

Преслушувањето на снимката покажува дека уште на самиот почеток на средбата на прашањето кога ќе им се асфалтира улицата, Димитриевски одговара дека знае за проблемот, но вели:

(2:06 мин.)За следна година ќе ја ставам во програма, оваа година ќе завршам проектна документација, ама ако сакате улица, оградите мора да се помрднат. Нема шанса да се направи улицата годинава и кој и да ви каже поинаку ќе ве излаже, бидејќи ниту има пари за неа во општината ниту е во финансиската програма за годинава и појаснува дека таму каде што било планирано, ги направил улиците.

(3:00 мин.)Не давам никогаш пред избори ветувања, дециден е Димитриeвски.

Во продолжение Димитриевски зборува за големите комунални проблеми на Општината, кои се провлекувале со години без да бидат решени. Зборувајќи за тоа дека иднината на земјата е во ЕУ и во НАТО, Димитриевски вели:

(4:50мин) Го разбирам револтот на луѓето, во прв круг ми кажаа не дека го сакаат ВМРО, туку ставаат знак равенство помеѓу ВМРО и СДСМ, но најодговорно ви тврдам – не сме исти, многу сме различни. Зашто тие за 12 години камен на камен не оставија, сѐ ограбија. Ако мислите дека треба да им дадеме шанса на тие што пишуваат фејсбук-статуси од Унгарија, кај што отишле со полни торби наши пари, да се врати на голема врата и да продолжи да ја краде оваа држава, апстинирајте за избори. Јас барам од вас поддршка за Стево Пендаровски, го познаваме и јас и Оливер, добар човек е, ќе ја оправи државата на меѓународен план…

Бидејќи, во спротивно, му се дава шанса на Груевски да се врати и да продолжи

да му ја вади душата на народот како што тоа го правеше 11 години…

Наспроти тоа што текстот што го рецензираме тврди дека целиот разговор на Димитриевски и Спасовски со граѓаните се одвивал во уценувачки тон, еве што градоначалникот на Куманово вели:

(6:10 мин) Ние немаме намера да ги делиме луѓето, не ме интересира дали си СДСМ или си ВМРО, јас сум градоначалник на сите луѓе и сакам сите да бидеме обединети, но историска можност на Македонија е да дојде до европските фондови. Мене ми требаат околу 160 милиони евра само за подземната инфраструктура во Куманово… само со претпристапните фондови на ЕУ можеме да појдеме напред…

објаснувајќи дека како иден претседател Пендаровски може да помогне тие фондови во иднина да ѝ бидат достапни на државата, што е одговор кој секако е во функција на предизборната кампања за која се дојдени во населбата.

Спасовски зборува за инфраструктурните проекти во кумановскиот крај од регионално значење, кои ги финансира државата и им укажува на граѓаните дека не е можно улицата да се направи побрзо од она што го ветил градоначалникот, замолувајќи ги да бидат уште малку трпеливи, но и да соработуваат со локалната власт кога ќе дојде до асфалтирањето на улицата така што ќе си ги померат оградите од линијата на идната траса на улицата.

Во однос на гласањето Спасовски вели:

(12:39 мин.) Јас само апелирам да дадете поддршка. Со тоа што ќе останете дома и нема да искочите на избори ништо нема да направите, само ќе направиме полошо

На дофрлувања на некои од присутните дека порано им била ветена и градинка во населбата, Димитриевски им објаснува дека најмногу што може да вети е улицата да биде направена следната година, велејќи:

Другари, пари немаме сокак да направиме, а не, пак, градинка.

Тој додава дека, доколку централната власт остане во рацете на СДСМ, ќе му биде полесно во иднина да функционира како градоначалник, додека, доколку на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ, ќе има опструкции.

(19:22 мин.) Вие ме избравте и мене и Оливер (Спасовски) и ние сме должни да ви дадеме отчет, но јас сакам да ви кажам што може, а не што сакате да чуете.

Од кажаното може да се заклучи дека, иако настојуваат да им ја пренесат предизборната порака на граѓаните од кои ја бараат поддршката за партискиот кандидат на претстојните избори, за што и се дојдени, Димитриевски и Спасовски не ветуваат решавање на комуналниот проблем во замена за гласови за Пендаровски. Токму спротивното, им кажуваат дека не можат да ја асфалтираат улицата тогаш кога граѓаните го бараат тоа, туку тогаш кога Општината ќе има пари, а тоа е следната година. Од ова произлегува заклучокот дека написот што го рецензираме не ја кажува вистината, а настапот на Спасовски и Димитриевски останува во рамките на вообичаен предизборен настап на политичари.