Српски „Курир“ шири лаги за аферата „Рекет“

 

[Рецензија: Скандал каков Македонците не паметат: Државниот врв на чело со премиерот Зоран Заев и Зоран Башановиќ вплеткани во мафијашко-рекетарската афера на Боки 13!]

Текстот што е предмет на оваа рецензија е класичен пример за ширење лаги со цел да се манипулира јавноста.

Линк до оригиналниот напис: Скандал каков Македонците не паметат: Државниот врв на чело со премиерот Зоран Заев и Зоран Башановиќ вплеткани во мафијашко-рекетарската афера на Боки 13! (SKANDAL KAKAV MAKEDONCI NE PAMTE: Državni vrh na čelu sa premijerom ZORANOM ZAEVIM i Zoranom Bašanovićem upleten u MAFIJAŠKO-REKETAŠKU AFERU BOKIJA 13 (VIDEO))

Датум и време на објавување: 8.8.2019

Датум на рецензирање: 10.8.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Српскиот портал „Курир“ постојано објавува текстови поврзани со аферата „Рекет“, која деновиве ја тресе македонската јавност, а во кои засега (10.8.2019) се обвинети Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец дека изнудиле пари од бизнисменот Орце Камчев. Двајцата за овој случај добија 30-дневен притвор.

Известувајќи за овој случај, „Курир“ на 8.8.2019 објави напис со сензационален наслов, преку кој директно ги обвини македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот советник Зора Башановиќ, дека се вмешани во случајот „Рекет“.

На самиот почеток од текстот, веб-порталот наведува дека:

Рекетарска афера ја тресе Северна Македонија, а во неа, покрај контроверзниот уапсен водител Бојан Јовановски, на естрадата познат како Боки 13, вплеткан е и самиот државен врв на чело со премиерот Зоран Заев. Актер во оваа незапамтена мафијашка афера е и Зоран Башановиќ, советник на премиерот Заев, а скандалот поради снимката со предавање на 1,5 милиони евра, одекна и вон регионот, што го коментираа и европските функционери.

Кога некој објавува вакви обвинувања, очекувањата се и дека таквите обвинувања ќе бидат поткрепени со сериозни докази и факти, имајќи предвид дека станува збор за обвинување за сторено сериозно кривично дело. Но, тоа не е случај во овој текст. Исто така, кога некој се обвинува за нешто, новинарот е должен да побара изјава од посочениот, во случајов Заев и Башановиќ, или од надлежен орган, во случајов, македонското обвинителство. Но, такво нешто во написот нема.

Подолу текстот пренесува детали од објавената снимка на весникот „Ла Верита“, на која се гледа наводното примопредавање на рекетот од 1,5 милион евра меѓу Боки 13 и Кичеец и Камчев.

Ниту збор за вмешаноста на Заев и Башановиќ во случајот „Рекет“. Нема објаснување како и на кој начин тие двајца се вмешани во овој случај, од каде е таквата информација, дали македонското обвинителство покренало постапка? Нема ништо конкретно, само празни зборови дека во аферата што ја тресе Македонија директно е вклучен македонскиот премиер.

Ваквиот несериозен пристап и тоа како изгледа како спин и ширење дезинформации, со цел манипулирање на јавноста. Овој напис преку насловот шири само една голема лага со цел привлекување што е можно повеќе кликови. Медиумот со овој напис се ставил во улога на обвинител, а задача на медиумите, не е да обвинуваат, туку да информираат.

Она што засега (10.8.2019) е познато за случајот „Рекет“ е дека осомничени се само двајца, Боки 13 и Зоки Кичеец. Според информациите што обвинителката Вилма Рускоска ги објави во јавноста, одземен ѝ е телефонот на специјалната обвинителка Катица Јанева, заради прибирање повеќе информации за истрагата. Што се однесува, пак, до премиерот Зоран Заев, Рускоска информира дека Заев е тој што прв ги известил неа и републичкиот обвинител, Љубомир Јовески, за случајот „Рекет”.