Стара вест рециклирана два пати во две години

 

[Рецензија: Додека апсењето на Груевски беше во центарот на вниманието, ослободителни пресуди за Бучковски, Стамболиски и за Петковски]

 

Веста дека Врховниот суд му ја укинал пресудата на поранешниот премиер Владо Бучковски и го вратил предметот за набавката на тенковски делови на повторно судење во Кривичниот суд е вест стара две години и втор пат е рециклирана од медиумите и претставена во јавноста како нова.

Оваа вест, објавена од еден медиум, беше преземена од десетина други и објавувана масовно по социјалните мрежи. И тоа е во ред доколку веста е нова, а не стара повеќе од две години.

Линк до текстот: Додека апсењето на Груевски беше во центарот на вниманието, ослободителни пресуди за Бучковски, Стамболиски и Петковски

Датум на објавување: 14.11.2018

Датум на рецензирање: 15.11.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Веста, всушност, датира од 27 септември 2016 година, кога порталот „СДК“ ја дознал оваа информација и за тоа добил потврда од Врховниот суд.

Според оценката на Врховниот суд на РМ, од изведените докази не произлегува со сигурност дека со постапувањето на обвинетите е остварена субјективната компонента на предметното кривично дело, изјавија од Врховниот суд за „СДК“.

Веродостојноста на информацијата се потврдува и преку пребарувањето на веб-страницата на Врховниот суд, каде што стои оваа одлука.

Се губи трагата кој прв ја извадил веста од архивите и ја објавил како нова. Во текстот, кој е предмет на оваа анализа, се цитира медиумот „1ТВ“. Линкот што води до веста од овој медиум вели дека страницата не е пронајдена, што значи дека е избришана. Но, притоа медиумот не ѝ се извинил на јавноста за дезинформацијата преку нов текст со објаснување за ситуацијата.

Проблематично е што подолу во текстот се спомнува како извор и порталот „Сведок.мк“, но и таму не може да се најде оваа вест.

Дел медиуми не ни разбрале дека рециклирале стара вест, па веста сè уште може да се најде на нивните веб-страници со датум од 14 ноември 2018.

Ниту еден од медиумите, всушност, нема потврда на оваа вест. Ниту од Врховниот суд ниту од засегнатите страни – Бучковски, Стамболиски и Петковски. Доколку можеби пробале да ја докажат веродостојноста на веста, ќе сфателе дека таа е стара, а нејзината актуелност била и завршила во 2016 година.

Ова не е прв пат да се рециклира оваа иста вест. Тоа се случи и минатата година во октомври, кога десетина медиуми ја објавија 12 и 13 октомври. И тогаш за тврдењата немало докази, изјави, ниту каква било потврда.

Реобјавувањето, односно рециклирањето на оваа вест се случува во период кога друг правосилно осуден премиер, Никола Груевски, избега во Унгарија. Текстот што ја користи оваа стара вест, само во насловот, а не подолу во написот, прави паралела помеѓу Груевски и Бучковски, очигледно само како мамка за собирање кликови на страницата.