Стартуваат шест проекти за медиумска писменост и критичко мислење

Во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк – центар за европски стратегии“, шест граѓански организации денеска во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје ги презентираа своите замисли со кои во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ во неколку градови во земјава ќе работат на развојот на критичкото мислење и зголемување на медиумската писменост и сузбивање на дезинформациите кои се шират и преку социјалните мрежи и преку медиуми.

Како што истакна Филип Стојановски, програмски директор во „Метаморфозис“, целта на проектот, со финансиска поддршка на Европската Унија преку ИПА Програмата за граѓанско општество и медиуми, е да се работи повеќе со граѓаните, наместо со новинарите, за да се крене нивото на критичко размислување кај граѓаните, оти дезинформациите и другите негативни појави се насочени кон нив, а не толку кон новинарите.

– Младите се авангардата и нивната едукација за критичко размислување е нешто што, се надеваме, ќе има долгорочни ефекти, и овие проекти и нивниот ефект ќе имаат еден свој живот кој ќе продолжи долго – порача Стојановски.

Горан Лазаров од „Евротинк“, кој е еден од координаторите на проектот, рече оти денешниот координативен настан е со цел да се создаде мрежа на соработка меѓу организациите-добитници на грантови, која на локално ниво ќе ги спроведува целите на главниот проект.

– Целта е темата околу критичкото мислење, медиумската писменост да ја спуштиме и на локално ниво. Голем дел од активностите на суб-грантистите се поврзани со создавање на медиумски производи, одржување јавни настани, и целта е да се направи некакво вмрежување на сите активности и преку тоа на национално ниво да се влијае околу целата работа. Секако, очекуваме да се создаде мрежа што ќе се гради и понатаму и ќе ги реализира целите – вели Лазаров.

Проектите, кои ќе наскоро ќе почнат да ги реализираат „Диверзити Медиа“ заедно со „Алсат-М“, ДРОМ од Куманово со телевизијата „Плус“, Фондацијата „Фокус“ од Велес со „Дума“ и телевизијата КТВ, „Ганимед“ од Битола со ТВ „21“, потоа Македонскиот институт за европски студии заедно со „Студентско радио“, но и „Медиа плус“ од Штип заедно со „Канал 77“, ќе бидат насочени претежно кон младите, односно средношколците и бруцоши на факултетите од областа на општествените науки на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“.