Суспендирање на партија не е самосуспендирање

     [Рецензија: Орбан: ФИДЕС самоволно го стави во мирување членството во ЕНП, комитет од партијата ќе одлучи што понатаму]

Постои голема разлика кога на една партија, како Орбановата Фидес, ќе ѝ се замрзне членството во групацијата на Европски народни партии, и кога таа партија самата ќе реши да го стави во мирување. Македонската телевизија „Алфа“, која е сега под унгарско туторство (сопствеништво), тврди дека оваа партија самата одлучила да се суспендира. Колку може да му се верува на изворот на ваквите извртени вести?

Линк до оригиналниот напис: Орбан: ФИДЕС самоволно го стави во мирување членството во ЕНП, комитет од партијата ќе одлучи што понатаму

Датум и време на објавување: 21.3.2019

Датум на рецензирање: 10.4.2019

Рецензент: Љубомир Костовски

 

На 20 март годинава се одржа Собрание на европските народни партии (ЕНП), на чиј дневен ред се најде и одржливоста на членството на унгарската партија Фидес, која е позната по монополистичката позиција во својата земја. На овој собир на најмоќната групација во Европскиот парламент ѝ се готвеше елиминација од членството на партијата на Орбан, познат кај нас како давател на политички азил на нашиот експремиер Никола Груевски. На крајот присутните гласаа за суспензија на Фидес, што е малку поблага мерка од исклучување и односот беше 190 гласа „за“ и само 3 „против“. Како и да е, оваа партија не ќе може да учествува и да ја крои политиката на европската десница во догледно време. Што би се рекло – додека не ги исправи своите политики и однесувања. Ова ќе влијае и на можноста Орбан по изборите за европарламентарци да има можност да учествува во гласањето на носителите на идни функции во ЕУ!

Но, за разлика од она што го пренесоа сите медиуми во светот, освен голем дел од унгарските, македонската телевизија со национална фреквенција „Алфа“ ТВ го пренесе само ставот на Орбан, изнесен на негова прес-конференција во Брисел, во кој стои дека:

Владејачката унгарска партија ФИДЕС еднострано одлучи да го стави во мирување своето членство во Европската народна партија, соопшти премиерот Виктор Орбан на прес-конференција по Политичкото собрание на ЕНП во Брисел во средата.

На овој начин се преврте суштината на состанокот во Брисел  за кого многу влијателни политичари во Унијата му се остреа токму на унгарскиот властодржец: тој не беше воопшто човекот што одлучува за штобило , беше ставен на обвинителна клупа и нему едноставно таму му се судеше. На овој начин ТВ „Алфа“ оневозможи нејзините гледачи да ја дознаат вистината, туку ги презентира нештата како небаре зависни од волјата на шефот на Фидес, а не такви какви што се: сите Европејци десничари против Орбан. Тоа е веќе изолација на човекот од кого зависи и престојот на нашиот бегалец од правдата Груевски во Будимпешта, но на кого се потпира и актуелното раководство на нашата ВМРО-ДПМНЕ и српската Народна партија на Вучиќ, да речеме.

Прилогот на „Алфа“ не се повикува на став на ниту еден европски политичар, ниту ги објаснува консеквенциите на одлуката на „народњаците“ од политичкиот состанок во Брисел.

„Дојче веле“, на пример, пренесувајќи го ставот на коментаторот на Фолкер Вагенер, пишува:

Европските народни партии покажаа заби: ја исфрлија партијата Фидес на Виктор Орбан, барем привремено. Ова е исправно.

Радио „Слободна Европа“ е децидна во насловот: „Партијата на Орбан суспендирана од Европската народна партија“, а исто така дава детаљно објаснување за последиците од тој чин. Но и странските медиуми известуваат изедначено – отпорот кон присуството на Орбан е „вжештено“, а опомената е дадена еднодушно.

Еден угледен украински медиум („Практика“) пишува дека:

Лидерите на Европските народни партии решија да го суспендираат членството во групата на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан – Фидес. За тоа гласаа 190 члена, против беа само 3, и се продолжува во тој стил  дека „членството на Фидес ќе биде суспендирано веднаш“ при што се цитира претседателот на ЕНП, Џозеф Доул!

Во веста, пак, дадена во прилогот што го рецензираме, се вели дека за суспензијата допрва ќе решава тричлено тело. Но, ова е спротивно на заклучокот дека се работи за суспензија на неодреден рок и оти ФИДЕС „го изгубила правото да учествува во работата на ЕНПм и да кандидира членови за телата и органите“.

Истото може да се потврди во веста на руски, угледниот „Еуроњуз“ пишува:

Најкрупната фракција на Европскиот парламент на неопределен рок го суспендирала членството на Фидес, со објаснувања зошто тоа е сторено.

Значи прилогот на ТВ „Алфа“ целосно ја превртува веста, а ги нема ниту значајните детали, бидејќи така секако би се „самосуспендирала“ во однос на вистинитоста.
За поврзаноста, пак,  на оваа телевизија со унгарските центри на моќ, може да се прочита во една анализа на „Призма“. – Колку да бидат работите појасни!