Светот не се врти кон Путин без оглед што го канат на свадби

[Рецензија: „Светот се врти кон Путин“]

 

„Светот се врти кон Путин“, како што претенциозно е насловен написот што го рецензираме, е кус и невешт обид да се напише вест за рубриката „Свет“, која би се темелела на наводни инсајдерски информации од неименувани германски новински извори за плановите на рускиот претседател Владимир Путин да биде гостин на уште една свадба на познат европски политичар. Но, иако кус, написот е полн со недоследности и може да се оцени како школски пример како не треба да се пишува во новинарството.

Линк до оригиналниот напис: „Светот се врти кон Путин“

Датум и време на објавување: 22.8.2018

Датум на рецензирање: 24.8.2018

Рецензент: Југослава Дуковска

Се чини дека кај ова писание буквално сè е проблематично. Да тргнеме од насловот – тој навистина звучи бомбастично и е мамка за кликови што му гарантираат читаност, но проблемот е што тој воопшто не е оригинален, исто колку што е и несоодветен. Во поглед на оригиналноста, кусо пребарување на „Гугл“ лесно ќе открие дека насловот е копиран од друг, постар напис со наслов „ПРЕСВРТНИЦА НА ЗАПАД: Светот се врти кон Путин“, кој датира од 2015 година.

Но, текстот од 2015  се однесува на сосема друга тема – са работи за анализа на односите помеѓу Русија и Западот во тогашниот актуелен политички момент, додека, пак, написот што го рецензираме е, всушност, куса вест од само две реченици и се занимава со шпекулациите на некои германски медиуми околу тоа дали рускиот претседател е поканет на свадбата на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, која треба да се одржи на почетокот на октомври, и оти тоа ќе биде вторпат последниве неколку месеци рускиот претседател да биде поканет на свадба кај јавна личност од политичкиот живот на Европа.  И, додека насловот на оригиналниот текст беше оправдан, за написот што е предмет на оваа рецензија не постои оправдување. Да се тврди дека „светот се врти кон Путин“ затоа што рускиот претседател имал две покани за свадба за кусо време е, во најмала рака, смешно.

Проблемите со „позајмувањето“ кога е во прашање веста што ја рецензираме, не завршуваат тука. Целата вест е, всушност, копија на првите два пасуса од напис со наслов: „Путин и Вучиќ на свадба на Герхард Шредер во октомври?!“, кој е далеку побогат со информации на истава тема и дава многубројни детали за тоа какви се шансите Путин повторно да отпатува за Германија есенва во својство на гостин на свадба и кои се политичките импликации од тоа. Се стекнува впечаток дека во написот што го рецензираме е земено од текстот тоа што можело да биде како-така ставено во функција на претенциозниот (и неоригинален) наслов, а другото отфрлено како непотребно. Секако, тоа е направено на крајно непрофесионален начин, без наводи и цитирање извор, како и без линкување.

„Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот“

член 12, Кодекс на новинарите на Македонија, ЗНМ, 2001

Бидејќи ниту еден од методите на користење извор на објавената информација не е применет, се работи токму за пример на плагијаторско „новинарство“, кое и не е никакво новинарство, туку евтина пропаганда. За крај, како куриозитет од овој пристрасен и аматерски склопен материјал, може да се наведе неговата илустрација. Колку и да е очигледно дека зад него стојат пропагандистички мотиви за објавување, фотографијата на рускиот претседател Владимир Путин со непријатна гримаса, со која написот е илустриран, е толку застрашувачка и одбивна, што е контрапродуктивна на неговата намена. Со ваков израз на лицето, тешко дека некој би бил посакуван гостин на свадба.