Точноста на информацијата мора да се провери

[Рецензија: Каков ден! По ќерката на Александрова, и синот на Мисовски ќе работи за плата од 33.000 денари! Еве во која институција]

Главната вест во написот што го рецензираме е дека „синот на пратеникот Горан Мисовски, Кристијан Мисовски, се вработил во Агенцијата за супервизија на осигурување. Тој бил избран од 17 кандидати штоконкурирале и ќе земал плата 33.000 денари“. Тоа, можеби е навистина така, но текстот не нуди докази за таквото тврдење.

Линк до оригиналниот напис: Каков ден! По ќерката на Александрова, и синот на Мисовски ќе работи за плата од 33 000 денари! Еве во која институција

Датум и време на објавување: 6.2.2019

Датум на рецензирање: 11.2.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

 

Синот на Горан Мисоски, Кристијан Мисоски, од 17 кандидати, вработен на конкурсот во Агенција за супервизија на осигурување. Оваа агенција е една од подобро платените државни институции. Платата ќе му биде 33.000 денари, како стручен соработник за супервизија.

Подолу во текстот ваквата информација не е поткрепена со никаква изјава ниту доказ.

Прво, нема изјава од синот на пратеникот или од пратеникот Мисовски, за да потврди дали е точна веста дека Кристијан е вработен во Агенцијата за супервизија на осигурување. Од написот не може да се види дека бил направен обид да ги прашаат за да се провери веста.

Понатаму, нема потврда дека на конкурсот се пријавиле 17 кандидати. Не е побарана изјава ниту од Агенцијата за да се провери информацијата и од втората страна, а нема потврда црно на бело ниту за висината на платата на Кристијан.

Она што, исто така, е нејасно во овој текст е која е Александрова што се спомнува во насловот: „Каков ден! По ќерката на Александрова, и синот на Мисовски ќе работи за плата од 33.000 денари! Еве во која институција“

Кога на читателот му се сервира на тацна бомбастична информација, треба да се презентираат и аргументи за искажаните наводи. Ваквиот начин на пласирање на тврдењата, без никакви докази, не е информирање бидејќи читателот не може да процени дали веста е вистинита.

Според новинарските правила и прописи, секоја информација треба да се провери од што е можно повеќе страни за да биде веродостојна.