Топ-5 дезинформации за претседателските избори

 

Претседателските избори не останаа имуни на манипулации, дезинформации, шпекулации и ниски удари. Некои од дезинформациите беа искажани од самите претседателски кандидати и партиски лидери за време на митинзите, медиумските настапи и ТВ-соочувањата.

 

Како многупати досега, и дел од медиумите се приклучи во валканата кампања и трка за што поголемо оцрнување на кандидатот од спротивниот табор, па (не)намерно објавија неточни информации. Се разбира, посебна улога во целиот процес играа(т) и социјалните мрежи – просторот каде што не важат никакви правила и каде што можеа да се прочитаат објави полни со сензационализам, навреди, говор на омраза, оцрнувања и написи инспирирани од теории на заговор.

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Од многуте искажани и напишани дезинформации, ви презентираме пет највпечатливи лажни вести објавени во медиумите.

Доколку нема цензус, Ѓорге Иванов ќе остане претседател

Текстот се базира на објава на „Твитер“, во која се тврди дека доколку не се постигне цензусот од 40%, сегашниот претседател Ѓорге Иванов ќе продолжи да биде претседател до следните избори. Ова е целосна дезинформација. Според Уставот и надлежностите на Уставниот суд, во случај на такво сценарио, ако не се постигне потребниот цензус, вршител на должноста претседател на државата ќе биде собранискиот спикер, односно во случајов Талат Џафери.

Братот на Пендаровски вработен во Агенција за разузнавање

Неколку дена пред првиот круг на претседателски избори, се појави напис што ги наведува читателите на заклучок дека претседателскиот кандидат Стево Пендаровски си го вработил братот во Агенцијата за разузнавање. Покрај многуте примери за непотизам во последно време, за кои постапки поведе Антикорупциската комисија, и оваа „вест“ доби значење. Целиот текст во кој се изнесени низа напади и негативни коментари, се базира на анонимни извори и непотврдени шпекулации. А, вистината е дека братот на Пендаровски, Војче Пендаровски, е вработен во Агенцијата за разузнавање од 1999 година.

 

Хакерски напад на Избирачкиот список

На денот на изборите (првиот круг – 21.4.2019  г.) сензационалистички осамна вест дека пакистански хакер продава податоци од Избирачкиот список на Северна Македонија на руски хакерски форум. Текстот се базира на една фотографија, која многу веројатно е фотомонтажа и тука завршува целата новинарска проверка. Не е прашано Министерството за внатрешни работи, кое е надлежно за ваков криминал, ниту информацијата е проверена во ДИК. Без ниту една потврда или доказ, написот може да се класифицира само како ширење паника во изборниот период.

 

Заев побарал ДУИ намерно да бојкотира

Уште една шпекулација чија основа е објава на социјалните мрежи. На „Фејсбук“ и „Твитер“ по објавените резултати од првиот круг на изборите можеа да се прочитаат најразлични теории зошто некој добил, односно не добил гласови. Во текстот се шпекулира дека Заев побарал од ДУИ намерно да ги бојкотираат изборите за во вториот круг да се постигне цензус. Ова е објавено без трага и глас од партиските ставови. Не се прашани партиските лидери, партиските портпароли или кој било партиски функционер дали оваа теорија е вистинита. Затоа овој текст е шпекулативен и дезинформира.

Пендаровски помогнал да се фалсификуваат претседателските избори во 2004 година

Тенденциозен и манипулирачки текст објавен неколку часа пред почетокот на изборниот молк за вториот круг на изборите. Директната цел на написот е да се наруши угледот на едниот претседателски кандидат и да се манипулира со чувствата на јавноста, односно гласачите на еден ден пред изборите. За изнесените силни обвинувања, текстот не нуди ниту еден релевантен доказ, туку го базира на претпоставки, коментаторски надувани и филувани.