Тoп-5 дезинформации за СЈО во 2018

 

Од формирањето до денеска, Специјалното јавно обвинителство го следат купишта лажни вести, манипулации, дезинформации. Особено трите обвинителки, кои ги водеа прес-конференциите во кои се најавуваа истрагите и обвинителните акти, на кои работеше Oбвинителството, беа постојана мета на обиди за лична дискредитација со написи чија цел е нарушување на нивниот углед

 

Пишува: Симона Атанасова

 

И оваа година, иако е институција што според анкетите ужива најголема доверба кај граѓаните, Специјалното јавно обвинителство беше цел на постојани медиумски напади. Следува избор на топ-5 особено валкани дезинформации против СЈО, најчесто преку напади врз обвинителките што се најекспонирани во работата на Обвинителството.

 

 

1. КРИЗА ВО СЈО: Катица Јанева и Фатиме Фетаи се искарале – во СЈО формирани табори, едниот предводен од Катица, другиот од Фатиме

Телевизија „Алфа“, повикувајќи се на свои извори од СЈО, објави дека Фатиме Фетаи, засилена од својата популарност, почнала да се однесува како главен обвинител, па дури ѝ противречела на Катица Јанева, која, пак, од својата страна, сметала дека освен драматизирањето во јавноста, Фетаи имала слаб резултат меѓу обвинителите во предметите. Медиумот за овој напис нема никакви конкретни информации за овој напис, доказ или изјава од некој што може да го потврди објавеното.

 

2. Полицијата спречила обид за атентат врз обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи?!

Вооружениот инцидент меѓу полицијата и неколку лица од Куманово во село Боговиње, Тетовско, некои од медиумите го поврзаа со јавната обвинителка на СЈО, Фатиме Фетаи. Се тврдеше дека тоа било сценарио за нејзина ликвидација во нејзината куќа во Боговиње. Веднаш стигна демант од СЈО, во кој негираа дека имало обид за атентат врз Фетаи.

Обвинителството категорично ги демантира написите на некои медиуми во кои се тврди дека инцидент во село Боговиње што се случи на 7 февруари оваа година, е поврзан со обвинителката Фатиме Фетаи и во кои се шпекулира дека во заднината на инцидентот бил обид за атентат врз неа. Информираме дека на тој ден обвинителката ниту била во Боговиње, ниту тој настан има каква било поврзаност со Фетаи, изјавија од СЈО.

 

3. Вратен пасошот на Мијалков со „помош” на СЈО

Медиумите, повикувајќи се на свои извори, објавија дека СЈО му ја вратило патната исправа на обвинетиот Сашо Мијалков.

И оваа дезинформација беше брзо демантирана.

СЈО досега не донело ниту една позитивна одлука по барањата за враќање на патните исправи поднесени од лица на кои истите им се одземени, а против кои СЈО покрена кривични пријави. Со еден исклучок кога станува збор за Драган Павловиќ-Латас на кој СЈО му ја врати патната исправа поради лекување на член на потесното семејство во странство, изјавија од СЈО.

 

4. Сестрата на „специјалната“ Јанева од фризерка до директорка

Медиумите објавија дека Лилјана Делиџакова, сестрата на Катица Јанева и кандидатка за заменик-директорка на Комисијата за хартии од вредност, минатата година од Агенцијата за вработување добила пари од програмата за самовработување за фризерски салон.

Делиџакова демантира дека добила пари од Агенцијата за вработување.

Најостро ги осудувам написите во кој се споменува дека јас сум зела некакви пари за самовработување. Јас имам конкурирано единствено на конкурсот за избор на член на Комисијата за хартии од вредност, а никако за отворање фризерски салон. Не знам за кое лице станува збор, но јас не сум таа што медиумите ја посочуваат, вели Делиџакова.

 

5. Фетаи има потреба од внимание и публицитет

Коментаторски текст, полн со лични навреди и дискредитација на една од обвинителките од СЈО. Крајно непрофесионално и со прекршување на сите правила од Новинарскиот кодекс, носи низа заклучоци за да ја навреди обвинителката и на читателите да им ја претстави во лошо светло.

„Важно *и е да се зборува и пишува за неа во медиумите, макар и по лошо“.
„Оваа обвинителка има многу лоши навики“.
„Таа е класичен ексцентрик-човек, кој се одликува со чудно и необично однесување, кое отстапува од параметрите на нормално однесување“.

Типичен пример за заклучоци исфрлени од ракав. Писание што во ниеден случај не може да се нарече професионално.