Вест што заслужува да биде демантирана

 

[Рецензија: Скопјанка починала од слепо црево – немало слободен кревет во клинички]

 

Веста што ја рецензираме не дава конкретни одговори за која жена станува збор, на која клиника се случил настанот, нема изјави од очевидци што се спомнуваат во текстот, ниту, пак, роднини на починатата жена, кои би го потврдиле случајот. Министерство за здравство оваа информација ја квалификува за лажна вест.

Линк до оригиналниот напис: Скопјанка починала од слепо црево – немало слободен кревет во клинички

Датум и време на објавување: 29.1.2019

Датум на рецензирање: 30.1.2019

Рецензент: Силвана Жежова

По неколкучасовно чекање во ходник за да се ослободи кревет каде што ќе биде сместена, скопјанката починала. Oчевидци на настанот за „Скопје Инфо“ сведочат дека скопјанката била примена во свесна и добра здравствена состојба. Но, лошиот однос и негрижата на здравствениот персонал биле причина да настанат компликации, кои биле причина за смртта.

Текстот не нуди одговор на која клиника пациентката чекала во ходник, ниту, пак, прецизно е наведено дали починала додека чекала или, пак, кога си заминала дома. Нема изјава од очевидците, кои се спомнуваат во веста за да раскажат на која клиника ова се случувало, односно каде не биле дадени соодветната здравствена услуга и грижа. Исто така, како поткрепа на веродостојноста на текстот нема ниту изјава од член на семејството за жената за која се пишува. Според демантот од Министерството за здравство, коментарите дека станува збор за последна жртва на здравствениот хаос се неосновани и тенденциозни.

Не е наведено ниту место, Клинички центар го сочинуваат повеќе од 30 клиники, не е наведено ниту времето кога се случил настанот. Според лекарите од Клиниката за дигестивна хирургија и Ургентниот центар, нема починат пациент од слепо црево, се вели во демантот на Министерството за здравство.

Оваа вест е една од повеќето критички настроени кон здравствениот систем изминативе неколку недели, поради што јавноста со особено внимание ги следи ваквите вести и неретко реагира кога се појавуваат реакции полни со емоции. Со оглед на ова, многу е важно јавноста да биде точно информирана. Тоа најдобро се постигнува со следење на правилата од професионалните новинарски кодекси. На пример, според Кодексот на меѓународното Здружение на професионални новинари, новинарот треба:

  • Да ја проверува точноста на информациите од секој извор и да биде крајно претпазлив за да не прави грешки од невнимание.
  • Да ги пронајде учесниците во настаните за кои се пишува за да им даде можност да одговорат на евентуални напади за наводно незаконско однесување.
  • Секогаш кога е тоа можно, да ги наведе своите извори. Јавноста има право да располага со што е можно повеќе податоци за кредибилитетот на изворите што се користени.