Завршен настан и промоција на резултатите на „Читај и меѓу редови“ – проект на Здружението на граѓани „Фокус“, Велес

Денеска во кавадаречко Моклиште се одржа завршниот настан на проектот „Читај и меѓу редови“, кој ЗГ „Фокус“ го спроведуваше во партнерство со порталот „Дума.мк“ и КТВ телевизија од Кавадарци, а во рамките на проектот „КриТинк“. На почетокот, извршната директорка на „Фокус“ ги поздрави присутните и даде сумарни информации за резултатите од спроведувањето на проектот, а претставничката на Фондацијата „Метаморфозис“, Виолета Глигороска, ги претстави проектот „КриТинк“ и неговите генерални цели, за кои се очекува да се остварат до завршувањето на неговата имплементација на крајот на 2020 година.  Бидејќи целни групи на проектот беа младите од Кавадарци и Велес, а унапредувањето на нивната медиумска писменост беше клучна проектна цел, на настанот присуствуваа тие со своите професори од гимназиите „Добри Даскалов“ и „Кочо Рацин“. Гимназијалците што беа активни на обуките организирани од ЗГ „Фокус“, како финален производ подготвиле видеоприлози и онлајн новинарски материјали на актуелни теми од нивната средина. Создадените материјали премиерно беа прикажани на настанот, а главниот и одговорен уредник на КТВ-телевизија, Анѓел Данов, најави дека сите прилози и материјали како серијал ќе бидат прикажани во рамките на информативните програми на КТВ; додека онлајн-материјалите ќе бидат дел од содржините на порталот „Дума.мк“.  Професорите од двете гимназии говореа за процесот на имплементација, за начинот на работа и за ефектите што проектот ги предизвика кај младите.

Настанот заврши со дружба меѓу младите гимназијалци од двата града на кои овој проект им овозможи да соработуваат, а иднината ќе покаже колку различните средини ќе им бидат препрека или поттик за продлабочување на пријателствата и соработката што никнаа преку овој проект.