Завршен настан и промоција на резултатите на „Младинска медиумска писменост“ – проект на НВО ДРОМ

Денеска во Куманово во организација на НВО ДРОМ се одржа завршниот настан на проектот „Младинска медиумска писменост“, кој беше дел од првиот циклус на шемата за грантови на проектот „КриТинк“. Покрај претставници на организаторот, на настанот со свои видувања за предизвиците при спроведувањето на проектот, а особено за обуките за младите за медиуми и медиумска писменост искажаа и претставници од средните училишта во градот и од образовниот сектор на Општина Куманово. Во рамките на промоцијата на резултатите беа презентирани видеата создадени од обучените средношколци, во копродукција со ТВ „Плус“ од Куманово. Уредникот на ТВ „Плус“ го истакна своето задоволство од работата со младите изразувајќи надеж дека дел од младите што работеа на овие видеоматеријали во иднина за своја професија ќе изберат да бидат дел од медиумската ссфера во земјата.

Горан Лазаров од „Евротинк“ – Центарот за европски стратегии ја истакна важноста од спроведувањето вакви проекти кои придонесуваат за поголема медиумска писменост кај младите, бидејќи со тоа се намалуваат можностите за дезинформирање на граѓаните, а особено на младите и  придонесуваат за зголемување на одговорноста кај самите медиуми и новинари. Тој ги информира присутните за заложбите и застапувањата на „Метаморфозис“ и „Евротинк“ за медиумската писменост да добие поголемо значење и простор во образовните програми во средните училишта и во високообразовниот систем во земјата.