Пет примери за стереотипен и дискриминаторски третман на жените во медиумите

 

Улогата на медиумите во подигањето на свеста за родовите прашања е особено значајна, пишува во Годишниот извештај за спроведувањето на Стратегијата за родова еднаквост за 2017 година, кој Собранието го усвои на седницата одржана на 15.1.2019 година. Но, во содржините на медиумите изминатите години многу малку се сретнуваа написи што ја подигаат свеста кај граѓаните за родовите прашања во правец на половата рамноправност и надминувањето на стереотипите за жените и мажите

 

Пишува: Силвана Жежова

 

Во медиумските содржини често се сретнуваат такви во кои има полова дискриминација на жените, сексизам, неостварување на законски загарантираните права како, на пример, правото на абортус, перцепирање на жената низ призмата на нејзиниот физички изглед и друго .

Извесен број од написите, чија содржина беше анализирана во „Сервисот за проверка на факти“ (СПФМ) во изминатите години (2013-2017), се однесуваа токму на половата дискриминација и *се што произлегува од неа. Меѓународниот ден на жената, 8 Март, е добра прилика да се потсетиме какви стереотипи за жената сè уште преовладуваат во македонското општество.

 

Жените прикажани како домаќинки

Перцепцијата на жената во главна улога на домаќинка полека се менува, но сè уште постојат стереотипи во содржините што се објавуваат во медиумите. Кога се претставува улогата на жените во медиумите, акцентот често се става на тоа како тие најмногу да сакаат да бидат мајки и домаќинки, наместо да градат професионални кариери. Што е често сосема погрешно. Најчесто, таквите информации, преку кои се промовираат полови стереотипи со елементи на сексизам, се непоткрепени со аргументи, а во конкретниов случај имаме и користење анонимно истражување за кое не можеме да дознаеме ништо. Настрана фактот што уште првата реченица од написот е крајно проблематична: „жените ОТСЕКОГАШ го имале изборот дали да следат успешна кариера или да бидат домаќинки…“. Се разбира дека тоа не е точно. Во никој случај жените немале ваков избор „отсекогаш“. Историски, дури и законите ги ограничуваа нивните права. Жените во минатото не можеа да остварат право на глас, претходно немаа право на наследство, а исто така не секогаш можеа да пријават силување во брак, туку секој сексуален однос меѓу брачните партнери се сметаше за консензуален, колку и да не било така.

 

Сексизмот мамка за поголем број кликови

Медиумите често го користат сексизмот за созадавање сензации и, како последица на тоа, за собирање кликови. Магичната формула е: жена плус секс, сето тоа ставено во стереотипен контекст, со себе носи гаранција дека таа содржина ќе биде читана. Медиумите изобилуваат со содржини во кои жената се перципира, а потоа и третира преку нејзиниот физички изглед, наместо преку резултатите постигнати во нејзината кариера, начинот на кој ги постигнува своите успеси и нејзината вредност како личност. Овој напис изобилува со тврдења од тој вид, како и со недостиг на информации со кои би се поткрепиле искажаните тврдења. Се користи познатиот рецепт секс плус пари еднакво на многу кликови. Без оглед на тоа што веста нема никакви конкретни информации и личи како да излегла од нечија имагинација, а не како опис на нешто што навистина се случува.

 

Жените што се одлучиле на абортус нарекувани „чедоубијци“ и „створови“ 

Жените што се одлучиле на абортус во медиумските содржини се нарекуваат „чедоубијци“, „створови“ и се споредуваат со „ѕверови“. Во колумнатаПраво на смрт, а не право на абортус“ преовладува дискриминација на противниците на Законот за прекинувањето на бременоста, усвоен од претходната власт, а кој сега се менува. Без разлика дали текстот не се согласува со правото на абортус, содржи обид за ширење нетолерантен однос кон оние што го застапуваат тоа право или се доведени во ситуација да извршат абортус. Од написот произлегува како да се прави обид што посилно да се навредат и понижат жените што ќе се одлучат да извршат абортус.

 

Правото на жените оспорувано и од оние што треба да ја штитат

Правото на жената да одлучи дали ќе се породи природно или со царски рез беше оспорено и од поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. Како што тој тогаш изјави, никаде во светот немало жената сама да си побара пораѓање со царски рез и докторот да има обврска тоа да го направи. Точно е дека одлуката за или против царски рез жената не ја донесува сама, туку со гинекологот што ѝ ја води бременоста. И тешко е да се замисли дека жените би носеле одлуки што би биле на штета на нивното сопственото или на здравјето на нивните новороденчиња. Но, проблемот настана кога оваа дискусија во некои медиуми блиски до претходната власт се користеше за ширење стереотипи и сензационализам за жените.

 

Сензационални вести и дезинформации за сексуалните работнички

Кога станува збор за сексуалните работнички или ЛГБТ-заедницата, медиумите често известуваат некоректно, со предрасуди и речник што не е приспособен на професионалното новинарство. Овој текст под наслов „Проститутките бараат легализација“ е пример за тоа. Во насловот се забележува доза сензационализам и политички некоректен јазик. Таквите текстови во медиумите вообичаено дезинформираат наместо да информираат и не ја пренесуваат вистинската порака. Рецензентот на овој напис вели дека „во насловот се забележува доза сензационализам и политички некоректен јазик, а од аспект на неговата намена тој дезинформира наместо да информира, поради тоа што изјавите во новинарскиот текст не соодветствуваат на него“. Имено, основната цел на маршот на сексуалните работнички таа година (2013) беше да се прати порака за запирање на насилството кон нив, а не да се бара легализација на сексуалната работа.