Зилбеари: Новинарство не се прави на „Фејсбук“, туку на терен

Elida Zylbeari
Elida Zylbeari

Главната уредничка на Порталб.мк, Елида Зилбеари, во емисијата „Клик Плус” на Телевизија 21, говореше за улогата на онлајн-медиумите (порталите) во изборната кампања и начелото на саморегулација. Таа истакна дека вест не се само изјавите на политичарите, туку излегувањето на новинарите на терен, соочувањето со вистината, верификацијата и балансирањето на изворите на информирање, пренесува Порталб.мк.

Верификацијата не се прави на „Фејсбук“. Верификацијата се прави од страна на новинар, кој излегува на терен и ја дознава вистината. Вести не се само политичарите, политичарите се последните со кои треба да се занимаваме ние, рече таа.

Според Зилбеари, повикувајќи се на новинарските принципи, сензационализмот не треба да биде критериум за кликнување (отворање) на веста, туку критериум за веста треба да биде бројот на читањата.

Со сензационализам можете да добиете повеќе кликови, бидејќи таму е мамката за луѓето, но не можете и да бидете повеќе читани. Луѓето ќе забележат бомбастичен наслов и го отвораат. Мајсторство на порталот не е да се создаваат бомбастични наслови, рече Зилбеари.

 

„КРИТИНК” – ПРОДОЛЖЕНИЕ НА ПРОЕКТОТ „ВЕРИФИКАЦИЈА НА ФАКТИ”

Зборувајќи за начелата во новинарството, Елида Зилбеари ги објасни и концептот и целта на проектот „КриТинк”, кој се реализира од страна на невладината организација „Метаморфозис”.

Проектот за „Верификација на факти“, беше финансиран од УСАИД и честопати медиумите се наоѓаа на нишан, бидејќи не ги исполнувале основните начела на новинарството. Нема извор, нема баланс, нема потврдени податоци. Истата логика, но малку попроширена, продолжува и со проектот „КриТинк”, чија цел е да се поттикне размислување, едукација на населението за да ги препознае лажните вести, рече Зилбеари.

Посебно место во дебатата имаше и начинот како се известуваше за трагичната несреќа кај село Ласкарци, при што анализата на „КриТинк” откри многубројни прекршувања на новинарските начела.

Информацијата треба да биде верифицирана. Не можете да кажете дека умреле толку или онолку лица, бидејќи влијаете врз информирањето на луѓето, ги дезинформирате, ги лажете и создавате паника. Анализата што е објавена во „КриТинк” говори за природата на тоа како еден новинар треба да известува за големите несреќи. Имаше големи прекршувања, бидејќи се објавуваа слики со жртви, ги сликаа починатите, што е строго забрането и е етички болно, рече Зилбеари.

Таа постојано истакнуваше дека доколку одреден портал поддржува или добива пари од политичка партија, тоа треба да биде транспарентно, да се објави отворено со цел и читателите да знаат од кого се финансира.

Според главната уредничка на Порталб.мк, донациите што се даваат од Владата треба да бидат од парламентот, бидејќи првата варијанта носи опасност од цензура и пропаганда.