Злоупотребена фотографија

 

(Рецензија: ФОТО: Доделува ли владата македонски државјанства на косовски државјани за да може да гласаат на претстојниот референдум?)

 

Текстот што го рецензираме е невистинит и тенденциозен, при што има намера да прикаже дека се издаваат лажни државјанства со цел референдумот на 30 септември да успее. Фотографијата во текстот, исто така, е злоупотребена. Таа е од друг настан и не прикажува, како што се вели во текстот, „чекање ред за државјанства“.

Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Доделува ли владата македонски државјанства на косовски државјани за да може да гласаат на претстојниот референдум?

Датум и време на објавување: 21.9.2019

Датум на рецензирање: 24.9.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Првиот дел од текстот содржи две невистини. Најпрвин, во текстот нема факти дека граѓаните што чекаат пред Владата се Албанци. Тоа не може да се заклучи само врз основа на фотографија. И, второ, за оваа група граѓани (Албанци како што се вели во текстот) се вели дека се внесуваат во Владата за да добијат државјанство, што е неточно.

Владата испрати демант и во него се вели дека „фотографијата објавена на порталите е преземена од одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот, настан кој во дворот на Владата го организира Сојузот на борци на Република Македонија, и на неа НЕ се лица што чекаат ред за државјанство“.

Во моментов пред Владата на Република Македонија чекаат околу 100 Албанци од Косово, кои се внесуваат во Владата за да добијат државјанства, се вели во коментарите на социјалните мрежи.

Во однос на вториот дел од текстот, од Владата ја објаснија постапката за доделување државјанства, во која, меѓу другото, се вели дека „интервјуата на Комисијата за утврдување на условот владеење со македонскиот јазик за стекнување државјанство на Република Македонија се само еден од критериумите во постапката и тие не се последната фаза во процесот“. Или, во превод, Владата не е последната и пресудна дестинација, каде што, ако влезете, со сигурност ќе добиете државјанство.

Таму се врши полагање за тоа дали го знаат македонскиот јазик и да им дадат фермани од МВР за да им издадат државјанства, вели нашиот извор, кој додава дека никој не знае македонски и има преведувачи што им помагаат на луѓето.

Заклучокот на текстот е дека Владата ова го прави со цел претстојниот референдум да биде успешен. Ова дезинформирање на јавноста има цел таа да стекне впечаток дека власта не избира средства (носење сосила гласачи) за да ја оствари целта (успешен референдум). И во демантот на Владата испратен до јавноста се вели дека „ваквиот начин на информирање на јавноста е тенденциозно пренесување на информациите и целосно е во спротивност со етиката на професионалното новинарство“.

И во минатото, во неколку наврати, лажни вести за нелегално доделување државјанства на граѓани на Косово беа користени за поттикнување нетрпеливост кон Албанците. Ваквите никогаш докажани наводи се рециклираат одвреме-навреме уште од самостојноста, неретко во важни и критични моменти за Македонија како што е овој, со оглед на фактот што оваа невитстинита вест се објавува во текот на кампањата за референдумот за името.