Зошто медиумско описменување?

Фото: Википедија/pixabay

 

Медиумската индустрија, нудејќи ни безброј производи што ги посакуваме – производи што се добри за нас – произведува и нуди штетни производи со кои по налог ја контаминира нашата култура, образецот на секојдневниот живот. Токму медиумската неписменост ја замаглува можноста за разликување на добрите од лошите производи

 

Пишува: Дејан Донев

 

Живеењето во свет заситен од пораки, во кој високото ниво на користење на информациите е повеќе од проблематично, го отвора проблемот на поставување вистински филтри за селекција на „добри“ информации. Медиумите се обидуваат, и тоа доста успешно, слабата филтрација со која се служиме како би се одбраниле од обилноста на информациите што во нашата култура агресивно ни се наметнуваат да ја свртат во своја корист. Имено, ги користат нашите навики создадени од нивното користење! Во овој случај стануваме програмирани и приемливи за мислењата што преку пораките што медиумите ги шират, ни се пренесуваат и *не водат кон усвојување погрешни мислења и ставови.

Оттука и прашањето за потребитоста од медиумската писменост, нужноста од медиумското описменување. Во спротивно, би имале лажно чувство на сатисфакција од информираност, која би се преведувала со поседување огромен број информации за *се она што се случува во светот. Но дали бројот на медиумите и медиумските пораки ја зголемува демократичноста, особено критичкиот став со кој се доаѓа до демократичност во општествата? Сликовито претставено, медиумската неписменост е опасна и штетна за човечкиот дух, отровна како контаминирана храна и вода за човековото тело. На пример, медиумската индустрија, нудејќи ни безброј производи што ги посакуваме – производи што се добри за нас – произведува и нуди штетни производи со кои по налог ја контаминира нашата култура, образецот на секојдневниот живот. Токму оваа медиумска неписменост ја замаглува можноста за разликување на добрите од лошите производи.

Затоа е нужна медиумската писменост, чија суштина е токму во „држењето на работите под контрола“. Ова „држење на работите под контрола“ и не е ништо друго освен едно повисоко ниво на медиумско описменување со кое се овозможува јасно согледување на границата меѓу реалниот, физичкиот и светот што го создаваат медиумите. Имено, кога сте медиумски писмени наоѓате јасни патокази за снаоѓање во светот на медиумите, а оттука можете да дојдете и до саканите искуства и информации, без притоа вниманието да ви го одвлекуваат работите што се штетни за вас. Во ваква ситуација, градите живот каков што вие сакате, не допуштајќи им на медиумите да ви го изградат таков каков што тие сакаат.

Логично, тоа е и одговорот на прашањето зошто медиумското описменување. Мноштвото информации, метафори и „големи зборови“ не значи истовремено и знаење за она што се случува во светот, т.е. не значи повисоко ниво на медиумска описменетост. Идејата е да се размислува, да се зголеми чувствителноста за да може да се подобри програмирањето на сопствените автоматски, рутински постапки, но и да се намали обемот во кој без наше знаење и дозвола тоа го прават медиумите.