Зошто новинарите игнорираат системска дискриминација?

Обврската на новинарите и медиумите да ги заштитат поединците и групите од неправда и дискриминација, извршени од кој и да е, налагаше истражување и повикување на досегашните пресуди на судот од Стразбур кои се однесуваат на регулирањето на бракот, вонбрачните заедници, регистрираните партнерства, граѓанските унии и сл.

 

Пишува: Жарко Трајаноскимагистер по човекови права

 

„Гејовите, лезбејките, бисексуалците и трансродовите луѓе имаат право на фер, прецизно и инклузивно известување за нивните животни приказни и преокупации. Како и со другите припадници на општеството, медиумите би требало да ги третираат ЛГБТ луѓето со фер однос, интегритет, и почит.“

(Водич за известување за ЛГБТ, Национален синдикат на новинари)

 

Во минатата анализа укажавме на медиумското непочитување на разликата помеѓу бракови, партнерства, заедници. Mедиумите одеднаш станаа свесни за дел од овие разлики при известувањето за предложените нацрт-амандмани, кога тие беа доставени од владата до собранието (И вонбрачната заедница ќе се дефинира како заедница меѓу маж и жена). Претходно, јавноста беше известена дека еден од амандманите се однесува само на дефинирањето на бракот: „Имено, уставните измени во овој дел беа најавени како дефинирање на бракот како заедница помеѓу маж и жена.“ (И вонбрачната заедница ќе се дефинира како заедница меѓу маж и жена).

 

Пропуштени прилики за критичко известување

Што пропуштија новинар(к)ите откако стана јасно дека владата нема намера уставно да го дефинира само бракот?

Прво, пропуштија прецизно да ја известат јавноста за ненајавените измени. Дури и оние медиуми кои во своите наслови ја потенцираа измената, не го цитираа контроверзниот втор став од Амандман XXXIII: „Регистрирана вонбрачна заедница, или било кој друг регистриран облик на животно партнерство, е животна заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.“

Второ, новинар(к)ите не покажаа капацитет за критичко следење на политичките процеси. Не побараа одговор на прашањата: Дали се прекршени уставните процедури со тоа што владата самоволно го проширила амандманот, и покрај тоа што при гласањето (со двотретинско мнозинство) воопшто не стануваше ни збор за уставно дефинирање на „регистрирана вонбрачна заедница, или било кој друг регистриран облик на животно партнерство“? Дали јавноста и пратениците, кои првично гласаа за уставни дефинирање само на бракот, се чувствуваат сега изманипулирани? Дали е можно и во иднина да се изигрува гласањето со двотретинско мнозинство при измени на Уставот на таков начин што предлагачот самоволно ќе го проширува опфатот на предложените нацрт-амандмани (за чие усвојување не е потребно двотретинско мнозинство)?

Трето, новинар(к)ите не побараа и не обезбедија одговор од владата зошто предлага конкретни уставни измени за кои не е изгласана потреба, туку само некритички пренесоа изјава на министерот за труд и социјална политика дека „после усвојувањето на измените на Уставот ќе следат и соодветни измени на законот за семејство…“. Наместо објаснување од предлагачот, „Дневник“ со поднасловот „Со бракот секогаш оди и вонбрачната заедница“ застана зад небулозната изјава на претседателот на собранието:

„Јасно е дека ќе имаше вакво дополнување, бидејќи секогаш кога се регулира бракот, се регулира и вонбрачната заедница, бидејќи тенденција е да се оди на изедначување на овие две категории“.

При некритичкото пренесување на изјавата, воопшто не се покренува прашањето дали новиот амандман се однесува само на „регистрирана вонбрачна заедница“ и „друг регистриран облик на животно партнерство“ или на секоја вонбрачна заедница, независно дали е регистрирана или не.

Четврто, при известувањето новинар(к)ите не обезбедија „втора страна“, односно не им дадоа можност на сите засегнати страни да го кажат својот став, како што се луѓето што живеат во вонбрачни заедници, нивните деца, истополовите партнерства, итн.

Петто, новинар(к)ите ниту сами истражија, ниту, пак, обезбедија експертски мислења дали содржината на контроверзниот амандман е во согласност со постојните стандарди за човекови права, онака како што ги практикува Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

 

Медиумска игноранција

„Биди информиран за тоа за што известуваш! Истражи, прочитај, информирај се за предметот на твоето известување.“

(Прирачник за етиката во новинарството)

 

Обврската на новинарите и медиумите да ги заштитат поединците и групите од неправда и дискриминација, извршени од кој и да е, налагаше истражување и повикување на досегашните пресуди на судот од Стразбур кои се однесуваат на регулирањето на бракот, вонбрачните заедници, регистрираните партнерства, граѓанските унии и сл.

На пример, во една неодамнешна пресуда од 16 јули 2014 (за која нашите медиуми не известија), Големиот судски совет на Судот во Стразбур го повтори стојалиштето дека Европската конвенција не им наметнува обврска на договорните страни да им обезбедат пристап до брак на истополовите двојки. Но, исто така, судот нагласи и дека чл. 8 од Конвенцијата „исто така го заштитува семејниот живот на истополовите партнери и нивните деца“:

„Следствено не е битно, од гледна точка на заштитата која му се обезбедува на семејниот живот, дали врската на апликантот со нејзиното семејство се засновува на брак или на регистрирано партнерство“.

Во една пресуда од 2 март 2010, судот укажува дека, за да обезбеди почитување на семејниот живот, државата мора нужно да го земе предвид и „фактот дека нема само еден начин или еден избор во сферата на водење и живеење на сопствен семеен или приватен живот“. Судот го повтори стојалиштето од 2003 дека би било дискриминаторски да се исклучуваат или да им се одземаат права на лица поради тоа што живеат во хомосексуална врска.

Во нашиот контекст, особено значајно е да се има предвид и пресудата на големиот судски совет од 7 ноември 2013 против Грција и нејзиниот дискриминаторски закон за „граѓански унии“ („договор помеѓу двајца возрасни од различен пол кој го покрива нивниот живот како двојка“). Во пресудата, судскиот совет укажува дека исклучувањето на истополовите двојки од опфатот на законот претставува различен третман врз основа на сексуална ориентација и дека грчката влада не понудила убедливи причини со кои ќе го оправда исклучувањето. Притоа, многу е важно тоа што судот експлицитно нагласи дека „истополовите двојки кои ги споделуваат нивните живот ги имаат истите потреби во смисла на заемна поддршка и помош кои што ги имаат и двојките од различен пол“. Исто така, судот уште укажа дека Грција е исклучок од европскиот тренд за воведување „нов систем на регистрирано партнерство како алтернатива на бракот за двојките што не се во брак, кој во својот опфат ги вклучува истополовите двојки“.

 

Новинарска (не)одговорност како пренесувачи на системска дискриминација

„Новинарот е одговорен и за искажаното од страна на соговорниците, бидејќи преку него тие ставови добиваат јавност, затоа е должен да ги парафразира или да се огради од навредлив јазик, промовирање на стереотипи или дискриминација.“

(Прирачник за етиката во новинарството)

 

Новинарите имаат должност да се оградуваат од промовирање на стереотипи и дискриминација дури и тогаш кога таквото промовирање на стереотипи или дискриминација доаѓа од владата или пратениците.

За жал, реткост беа медиумите кои известија за спротивставувањето на неколку пратенички на дискриминаторскиот уставен амандман или кои се обидоа да обезбедат аргументи кои се повикуваат на Европската конвенција за човекови права (Уставот нема да ја контролира само спалната соба, туку севкупниот семеен живот).

Како и при медиумското игнорирање на неказнетото насилство врз ЛГБТ луѓето, најголемиот дел од новинар(к)ите уште еднаш пропуштија прилика да застанат во одбрана на правата на жртвите на системска дискриминација.

(крај)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење