Антиваксерство со злоупотреба на името Исусово и преку лажно тврдење за вакцините

 

Фејсбук-пост со наслов „Не ви ги даваме децата“, преку злоупотреба на религиски чувства и лажни информации повикува на антиваксерство. Настрана фактот што децата засега не подлежат на вакцина против ковид-19

 

Објава на „Фејсбук“ на македонски јазик во која има порака-проглас насочен кон јавноста со неколку елементи, а кои се во суштина антивладини пораки, тежиштето го става на антиваксерството генерално, но, пред сè, против корона-вирусот и болеста ковид-19, ако се погледне прецизно пораката.

Во повикот, во чија суштина треба да биде грижа за децата, провејуваат повеќе пораки, почнувајќи од тоа дека било неприфатливо за децата да учат во образовниот процес теми поврзани со сексуалните и родовите различности кај луѓето, до тоа дека некој на децата им ја зел иднината преку „распродавање без пари“ на верата, земјата идентитетот, културата, итн…, а помеѓу е пласирана следната невистина за вакцините:

Нема да им вбризгате во телото генетски модулатори и транс хуманистички секвенци (лажно наречени вакцина), дури и по цена сами да ги лечиме.

Под ваквиот пост е објавена илустрација/постер, на која се гледаат возрасно лице и дете, а која е авторски заштитена и може да се најде на „Шатерсток“ и на „Адоуб“ сајтовите за продажба на фотографии и други визуелни елементи и која, според длабинското испитување на потеклото на фотографијата, очигледно е користена за повеќе намени – од образовни, за тоа како се постапува со децата, до тоа како „децата да се воспитуваат сатанистички“, односно онака како што му одговара на оној што ги откупил правата за користење на илустрацијата…

 

Во овој случај што го рецензираме, илустрацијата е искористена за ширење порака како да се воспитуваат и децата и нивните родители антиваксерски и која во слободен превод гласи вака:

„Нема да и дозволам на владата да ти вбризга отров, па што и да се случи“!

Вакцините не им се даваат на деца

Самата порака за вакцината е во суштина невистинита и се однесува на вакцините против ковид-19, за кои се вели дека наводно содржат: „вбризгување на генетски модулатори“ и „транс хуманистички секвенци“. Но, ова, пред сè, е невистина, затоа што засега вакцината не им се дава на деца и малолетни лица.

Со оваа порака авторот на постот сосема јасно посочува дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат генетска модулација (која би водела до менување на гените, како што најчесто се чита) и секвенци од вирусот, кои би го измениле човекот онаков каков што го знаеме и со помош на науката, која доведе до вакцините, тој би се сменил и бил или подобар или полош во однесувањето, животниот век, сознајните способности итн. (основата е во трансхуманизмот како философско учење).

Де факто, преку вакцините не се вбризгува генетски модулатор, затоа што при вакцинацијата со таканаречените информациони РНК вакцини или мRNA, ниту се модулираат ниту се менуваат гените кај човекот. ДНК служи, пред сè, за производство на протеин во клетките, таа информација се пренесува преку РНК до секоја клетка. Она што се прави со вакцината е што однадвор, преку фрагменти од генетскиот материјал на вирусот, се дава упатство каков протеин да се произведе, а кој би бил отпорен на корона-вирусот.

Еве еден пример како врз основа на научни извори, германскиот медиум „Дојче веле“ ја појаснува новата технологија на вакцината што функционира против ковид-19:

Главна разлика во однос на другите, етаблирани вакцини, е тоа што тие не содржат ослабени или убиени вируси, туку само упатство за градење на еден дел од патогенот ковид-19. Тоа упатство во форма на т.н. иРНК-молекул доаѓа во телото, каде тогаш човековите клетки сами произведуваат протеин на вирусот – т.н. спајк протеин.

Во случајот на Сарс-Ков-2 тоа е спајк-протеин од горната површина на вирусот. Тој го стимулира човековиот имунолошки систем да произведува антитела. Првите податоци од клиничките испитувања покажуваат дека вакцините се многу ефикасни и оти организмот генерално добро ги поднесува. Слични реакции постојат и кај другите типови вакцини и тие се знак дека таа го прави тоа што треба: ја поттикнува работата на имунолошкиот систем.

За тоа дека преку ваквата интервенција, која во постот се нарекува генетска модулација, не може да дојде до измена на генетскиот систем кај човекот, се објавени мноштво појаснувања и текстови, а дел од нив и на „Вистиномер“.

Злоупотреба на Исус

Покрај манипулацијата со генетското модулирање преку вакцините, се шири и нетолеранција кон современата медицина преку верата, затоа што на крај се употребува и името на Исус како врховен заштитник со пораката: „Не плашете се јас сум со вас до крај на светот“. Тоа значи – не се вакцинирајте, Господ Бог ќе ве заштити!

Бидејќи и другите пораки во повикот под точка 1 и 3 содржат невистини, исто како што илустрацијата/постер е невистинита, т.е. „модулација“ на оригиналот, целиот пост може да се оцени како порака која е базирана на невистини.

 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.