Астероид што не ги подигна ни веѓите на научниците во НАСА – повод за ширење паника кај „Спутник“

 

Научниците на НАСА веднаш виделе дека астероидот 2020-bx12 не е опасен за Земјата. Потоа виделе дека тоа не е еден, туку два астероида, кои меѓусебно си фрлале сенка и  привидно ја зголемувале сопствената маса. Дури и како таква, појавата не е со димензии какви што ни се претставуваат. Донекаде како оној виц – не е Москва туку Ереван, не е „мерцедес“, туку „жигули“…

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Авторката Меган Бартелс околу 16 часот на 13 февруари на веб-страницата space.com  објави вест дека научниците забележале два одделни астероида во релативна близина на Земјата. Ова не е голема карпа како што првично се велеше.

Еден од најголемите инструменти на Земјата за проучување на астероидите во близина е повторно на работа откако беше потресен од земјотреси, а неговите први нови набљудувања покажуваат дека новооткриената вселенска карпа,  всушност, се два одделни астероиди, се вели во написот.

Потоа се појаснува дека се работи за радарот во опсерваторијата „Аресибо“ во Порто Рико. Опсерваторијата беше затворена поголемиот дел од јануари откако серија земјотреси го погодија островот почнувајќи од 28 декември 2019 година. Опсерваторијата беше повторно отворена на 29 јануари, по цел еден месец. Во меѓувреме, на 27 јануари, научниците со помош на телескоп на Мауна Ло на Хаваи забележаа астероид што астрономите не го имале забележано. Новооткриената вселенска карпа ја нарекле 2020 БХ12 врз основа на формула што го содржи датумот на нејзино откривање.

Поради големината на 2020 БХ12 и начинот на кој неговата орбита се приближува до таа на Земјата, тој е означен како потенцијално опасен астероид. Меѓутоа, вселенската карпа веќе се приближи до Земјата и ќе помине на оддалеченост од 4,3 милиони километри. Астрономите ги пресметале и блиските пристапи на астероидот со Земјата за следниот век, и сите идни ќе бидат на поголемо растојание од ова.

Сликите на радарот го прикажуваат бинарниот астероид 2020 БХ12, што научниците го откриле оваа година. Да појасниме растојанието меѓу Земјата и Месечината изнесува 384.000 километри, што значи дека растојанието на кое ќе мине астероидот (двете карпи) ќе биде 11,1 пати поголемо од тоа меѓу Месечината и нас!

Слика на страницата на НАСА:Орбитата на астероидите во Сончевиот систем
Фото: Принтскрин

ЗОШТО НЕМАЛО ПАНИКА ИЛИ НЕШТО СЛИЧНО?

Текстот вели дека пролетувањето на астероидот не претставувало опасност за животот на Земјата, но тоа било можност за научниците кои се надевале да откријат повеќе за вселенските карпи. На 4 и 5 февруари радарската станица во „Аресибо“ го забележува астероидот 2020 БХ12. Врз основа на набљудувањата, научниците откриле дека 2020 БХ12 е бинарен астероид, односно една помала карпа што кружи околу поголема. Поголемата карпа е веројатно долга 165 метри, а помалата е околу 70 метри. Кога инструментот ги набљудувал двете вселенски карпи на 5 февруари, се чинело дека тие се на растојание од 360 метри (или три фудбалски игралишта).

Авторката на текстот, која се држи до вистината што ја дава НАСА, Меган Бартелс, предава на одделот за научен журнализам во еден њујоршки универзитет и е новинар на „Њузвик“. Објавува текст речиси секој ден и овој, од четвртокот попладне по наше време или 10 часот наутро по њујоршко (13.2.2020), е прв за астероидот за кој таа седнала да пишува, повеќе од аспект на фактот дека се работи за камен со друг камен кој орбитрира околу него, како феномен.

Зошто ова го кажуваме? Поради фактот дека познатиот дистрибутер на проблематични вести на Балканот – „Спутник“, беше тој што прв ја рашири веста за „крајот на светот“ и се чини дека многумина наседнаа, иако не се исклучува дека имало и други извори на наслови во тој стил кои се објавени и кај нас.

КЛАСИЧЕН СЕНЗАЦИОНАЛИЗАМ И ПРЕУВЕЛИЧУВАЊЕ

Текстот на „Спутник“ беше објавен на 11 февруари со слика која е повеќе од застрашувачка. Просто да почне човек да се простува од животот и да се поздравува со семејството, сите да почнат да плачат над судбината на цивилизацијата… Тоа е класичен сензационализам. Внатре и нема вистински податоци, има преувеличување, особено кога се кажува дека вселенскиот камен е широк меѓу 400 и 900 метри(!). Ова е големо промашување во однос на прецизното мерење, што секако ја зголемува потенцијалната опасност, а дури на крајот од текстот се вели: „се надеваме дека астероидот ќе ја заобиколи планетава“. Демек не се исклучува да нѐ удри и, според авторот, да ја уништи планетата! Се вели ека истиот астероид одново ќе нѐ посетел за 14 години, но не се наведува дека тогаш ќе биде подалеку, ако веќе наводно текстот се повикува на НАСА! Погрешно е дадено и растојанието, а грешката изнесува цели 2 милиона километри.

Фото: Принтскрин

Необично е што „Спутник“ се повикува на американски извор, а не на руски?! Та нели се работи за вселенска сила, која мора да има свои извори за оваа така страшна, катастрофална појава?! Зошто нема повик на мислење на руски стручњаци, а се држи, наводно, до „некои од НАСА“? Или „Спутник“ не им верува на своите откако не се предвиде упадот на небесното тело (метеорит) во близина на Чељабинск на 15 февруари 2014 година, кога тоа се распаѓаше пред очите на граѓаните кои одеа на работа  и создаде вистински „спектакл“ и донесе многу искршени прозорци среде сибирската зима. Во пречник тој „камен“ имал 20 метри.

Јасно, не можеше ваква сензација да мине туку-така во нашите медиуми и портали. На пример, „А1 ОН“ објави текст со наслов што вади од памет, и кој ја има истата грешка во растојанието со кое астероидот ќе мине крај нас (како што вели „Спутник“, а не како што навистина вели НАСА – разликата е цели 2 милиона километри). Во текстот се дава споредба со големи астероиди како „потврда“ на сериозноста, се прави асоцијација од типот што ќе ни стане кога би биле удрени, ама не се дава елементарна илустрација што е тоа, како што таму стои пет милиони километри и колку е тоа далеку од Земјата. Јасно, не се чекало и да има официјално соопштение, што веќе говори за битно помали димензии и ја отстранува опасноста дека следната „средба“ ќе биде опасна, туку се тврди, според НАСА, дека растојанието само ќе се зголемува.

Но, изгледа, смирувањата не се во игра, треба народот „да се истресе од гаќи“!

Во Сервисот за проверка на факти многупати сме пишувале за овој феномен на астероманија , која „само што не нѐ уништила“. Да наведеме само еден прилог, кога „Сител“ пред Божиќ ни ја уби волјата за живот, но тоа мина без реакција на ААВМУ или слично тело. Или, прилогот што одеше на една тлевизија една година претходно кој е регистриран и коментиран на Сервисот за проверка на факти. Тогаш беше користен трикот на постепено создавање паника во рамките на содржина што нема врска со темата, што е секако нешто што не е измислено во Македонија.

Првпат таквата „вест“ беше пласирана од страна на познатиот режисер Орсон Велс, како радиодрама под наслов „Војна на световите“, која не беше најавена, а која беше вметната во пренос од концерт на сериозна музика! Беше емитувана во текот на Ноќта на вештерките во октомври 1938. На слушателите на концертот им се пласирани вести дозирано, со сѐ погуста фреквенција за тоа дека „овде и таму“ се спуштиле Марсовци и тоа создало паника – луѓето бегале од домовите, земале во автомобилите некои нужни работи и практично не знаеле каде да се скријат, особено во отсуство на други паралелни информации.

Кај нас и тогаш, а и сега нема паника – гледачите останаа тогаш дома за да ги следат новите продолжувања на турските серии од „ноќната смена“. Слично е и со нашите портали – многу труд за некој лајк повеќе. Ама што кога ќе има вест што треба навистина да нѐ подигне на нозе? Ние сме веќе отапени од лажните Армагедони!

„Спутник“ веќе во средата ја тргна веста од својата насловна страница. Немаше ниту исправка.