Бајден сè уште не забранил влез во САД за конкретни лица кои го прекршуваат Договорот од Преспа

Насловот на текстот што се споделува на Фејсбук погрешно ја интерпретира Извршната уредба на американскиот претседател Џо Бајден, дека веќе забранил влез на лица кои работат против Договорот од Преспа.  Но, тоа не е баш така. Американската администрација сè уште нема ставено забрана за конкретни лица со име и презиме дека работат против Договорот од Преспа. Тоа ќе се случува во иднина. Одлуките за тоа кои лица ќе добијат забрана за влез во САД и замрзнување на имотот којшто го имаат на територијата на САД, ќе ги носат Секретарот за финансии во консултација со Државниот секретар

 

 

Наслов на текст споделен на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека американскиот претседател Џо Бајден забранил влез на лица кои работат против Договорот од Преспа.

ОФИЦИЈАЛНО: Бајден забрани влез на лица кои работат против Договорот од Преспа!

Кога ќе го прочитате овој наслов на социјалните мрежи прво нешто што ќе си помислите е дека Соединетите Американски Држави веќе имаат направено листа на лица кои работат против Договорот од Преспа постигнат помеѓу С.Македонија и Грција за решавање на спорот со името. И дека тие луѓе веќе добиле забрана за влез во САД. Кон таков заклучок упатува глаголот „забрани“ кој е свршен, односно објаснува дејство кое што веќе е завршено.

Но, ова не е баш така. Насловот е делумна дезинформација затоа што Бајден, односно американската администрација сè уште немаат ставено забрана за конкретни лица со име и презиме дека работат против Договорот од Преспа. Тоа ќе се случува во иднина.

За каква одлука, всушност, се работи?

Станува збор за најава на властите од САД дека на црна листа ќе бидат ставени оние кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.

Од Белата куќа соопштија дека Американскиот претседател Џо Бајден потпишал Извршна наредба за замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан, вклучувајќи ги оние лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.

Според соопштението, Извршната наредба дозволува да се таргетираат оние кои:

Се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во дејствие кое го попречува или е закана по имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на ОН, Дејтонскиот договор итн.

Одлуките за тоа кои лица ќе добијат забрана за влез во САД и замрзнување на имотот којшто го имаат на територијата на САД, ќе ги носат Секретарот за финансии во консултација со Државниот секретар.

Ова значи дека насловот на текстот погрешно ја интерпретира споменатата Извршна уредба, затоа што Бајден сè уште не забранил никому ништо, туку во иднина ако некој го крши Договорот од Преспа или човековите права, може да му биде забранет влез во САД или да му биде замрзнат имотот во САД доколку го има.

Дека нема сè уште забрана за одредени лица се вели и на почетокот на текстот:

Ниту едно лице не е именувано во текстот објавен од Белата куќа, објавен на 8 јуни. Во текстот се утврдени условите за блокирање на имотот и суспендирање на влез за лица во САД.

Овој кликбејт наслов погрешно, односно испревртено ја преставува фактичката ситуација и со тоа го манипулира читателот и го наведува да дојде до одреден заклучок кој не е вистинит и е во спротивност со она што го пишува во текстот.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.