Чаршиски муабет од месарница не е вест 

 

[Рецензија: БЕЗОБРАЗЛУК НА ВИСОКО НИВО: Аман жено, чекаш ред и правиш гужва за промет од 100 денари]

Текстот што го рецензираме нема никаква смисла, ниту поента. Тој повеќе личи на некоја чаршиска приказна отколку на новинарски текст, бидејќи написот ги нема основните новинарски елементи.

Линк до оригиналниот напис: БЕЗОБРАЗЛУК НА ВИСОКО НИВО: Аман жено, чекаш ред и правиш гужва за промет од 100 денари

Датум и време на објавување: 26.2.2019

Датум на рецензирање: 4.3.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

 

Насловот на овој текст е нејасен и не кажува ништо, но токму поради тоа е привлечен за кликнување. Ама, кога ќе го отворите написот, ќе видите дека тој е „гола вода“. Во него нема ништо новинарско. Нема информација, нема ниту место ниту време кога се случил настанот, нема посочено конкретни луѓе, нема ништо. Целиот напис личи на муабет што се раскажува меѓу луѓето.

Во текстот се плете приказната за некој господин што купувал во месарница и гласно коментирал дека давал пари само за скапи работи, а кога некоја баба купила евтини колбаси, наводно, тој ѝ се развикал некултурно:

Тууу, чекате ред и правите гужва за промет од 100 денари? Ајде ве молам тргнете се, дајте им предност на тие што сакаат да купат повеќе!

Она што е интересно е дека истиот текст бил објавуван и во други медиуми и тоа пред пет месеци.

Ваквите написи, кои не се врзани со време, обично се реобјавуваат колку да се пополни простор. Ако дента немало ништо поинтересно за објавување, овие содржини во некои медиуми добиваат цена и се пласираат само за кликови.

Овие текстови не се новинарски и не треба да се земаат здраво за готово, бидејќи можно е и да се измислени. И тие немаат друга цел освен да привлечат внимание и да соберат што повеќе кликови.