„Црн петок“ нема апсолутно никаква врска со продажба на робови

 

[Рецензија: BLACK FRIDAY – ЦРН ПЕТОК]

 

Текстот што е предмет на оваа проверка содржи неточни информации во врска со значењето на терминот „црн петок“, пласирајќи им на читателите лажна слика за овој ден.

Линк до оригиналниот напис: BLACK FRIDAY – ЦРН ПЕТОК

Датум и време на објавување: 25.11.2018

Датум на рецензирање: 29.11.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

BLACK FRIDAY – ЦРН ПЕТОК!!! Што е тоа, а? Идиотите што трчаат по продавници за на „попуст“ да купат нешто што е поскапо од цената во регуларните денови, знаат ли за кој РАСИЗАМ и НЕЧОВЕЧНОСТ СЕ РАБОТИ?!

На почетокот овој напис посочува дека тие што трчаат на „црн петок“ да купат нешто поевтино (не поскапо, како што се вели во написот), всушност, не знаеле дека на тој начин го славеле расизмот.

Понатаму следува објаснување.

Блек фрајдеј значеше директна ликвидација на остатокот од непродадените црни робови од нивните бели господари на пазарот на јавните плоштади. Пред да заминат за Африка да ловат нова, свежа робовска сила. Така, робовите биле изложени на стотици купувачи, кои купувале и ги носеле на своите плантажи за да работат со памук, шеќерна трска или во своите домови за да ги извршат домашните задолженија.

Според написот, „црн петок“ е денот кога во времето на робовладетелството сопствениците на црни робови се ослободувале од вишокот од нив со нивна ликвидација. И бидејќи робовите биле црни и денот е црн петок.

Ваквите информации се апсолутно неточни. Доколку отворите на интернет-пребарувачите и го побарате значењето на „црн петок“ и неговата историја, ќе видите дека тоа нема врска со продажбата на црни робови, иако постојат такви теории на заговор. На ваквите теории, поточно гласишта, како што објавува веб-страницата Marketwatch.com, наседнале и некои познати личности од САД од африканско потекло, како на пример пејачката Тони Брекстон, која на својот фејсбук-профил на 26.11.2014 година ја постирала истата фотографија објавена на порталот „Дудинка“, со текст што е ист со текстот во написот што го рецензираме. Брекстон напишала „Нема повеќе црн петок за мене“.

Според авторот на текстот на посочената веб-страница, Даниел Голдстејн, гласиштата за наводните врски на „црн петок“ со робовите се појавиле пред немирите во Фергусон, Моа.

По одлуката на поротата во Мисури да не го обвини белиот полицаец Дарен Вилсон, кој во август усмрти еден невооружен афроамерикански тинејџер, Мајкл Браун, демонстрантите се собраа во празнични шопинг-толпи низ целата земја, како дел од кампањата „Црното од црниот петок”, за да привлечат внимание кон она што го гледаат како погрешен правец во правдата, а гласиштата на интернет само додале масло во огнот. Гугл-пребарувачот го поврзува „црн петок“ со робовите во повеќе од 11 милиони резултати и десетици интернет-мемиња, за „оригиналниот црн петок“, пишува Голдстејн.

Сервисот за проверка на факти, Snopes.com, кој е еден од најпознатите и најстарите за проверка на факти, открива дека фразата „црн петок“ нема апсолутно никаква врска со продажбата на робови. Според нив, фразата „црн петок“ првпат се појавила во 1951 година, кога практика на работниците била да се јавуваат и да кажуваат дека се болни на ден по Денот на благодарноста со цел да имаат четири дена споени за викенд.

До 1961 година терминот „црн петок” (и „црна сабота”), како што пишува Snopes, вообичаено се користел од страна на полицијата на Филаделфија, која морала да се справи со хаосот и главоболките од толпите и застојот во сообраќајот на ден по Денот на благодарноста, односно во почетокот на божикната шопинг-сезона.

Едно популарно алтернативно објаснување за потеклото на „црниот петок” е дека тоа е денот кога трговците на мало на крајот од годината почнале да покажуваат профит (во сметководствени термини, придвижувајќи се од „црвено” до „во црно”) откако работеле со загуба од јануари до средината на ноември. Најраната позната употреба на фразата „црн петок“, поврзана со сметководството, датира од 1981 година.

На интернет-пребарувачите најчестото објаснување за „црн петок“ е поврзано со профитот што го остварувале трговците.

Црниот петок е денот кога трговците на мало ќе почнат да прават профит за годината. Во сметководствени услови, работењето со загуба (губење пари) е наречено „во црвено”, бидејќи сметководителите традиционално користеле црвено мастило за да покажат негативни износи (загуби). Позитивните износи (профит) обично биле прикажувани со црно мастило. Така, да се биде „во црно” е добра работа, бидејќи тоа значи дека продавниците работат со профит (правење пари).

Имајќи предвид дека „црн петок“ нема никаква поврзаност со продажбата на робови и оти тоа се само гласишта што се ширеле на интернет и на социјалните мрежи, може да се заклучи дека текстот што е предмет на нашата рецензија е апсолутно неточен. Написот шири лажни информации, без притоа да ги провери фактите и вистинското потекло на фразата „црн петок“. Оваа фраза првпат се појавила во 1951 година, а нејзината поврзаност со профитот на трговците првпат се појавува во 1981 година, повеќе од сто години по укинувањето на робовладетелството во САД.