Црвено светло за етноцентризмот

Овој напис го има и на: Албански

Кога постои етноцентризам сопствената заедница се доживува во центарот на сè и сè (јазикот, обичаите, историјата, однесувањето, религијата …) се вреднува споредено со неа. Сопствената заедница се доживува како најважна и некои (или сите) нејзини аспекти се сметаат за супериорни во однос на другите (кои и да се тие други).

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Етноцентризмот по дефиниција е тенденција да се гледа на светот, пред сè, од перспектива на сопствената етничка заедница. Од една страна сме НИЕ, а од друга сите ДРУГИ.

На пример, како школски пример за етноцентричното гледање може да се земе прикажувањето на сопствената заедница (македонскиот етницитет и територијата на Македонија) во центарот на светот дадено во текстот под наслов: „МАКЕДОНИЈА  ВИДЕО: За сите што не веруваат дека Македонија е центар на светот“:

Според Google Earth, Македонија е центар на светот. Ние проверивме и се уверивме, проверете и вие.

Иако навидум се работи за уметничко претерување (хипербола), ширењето на една ваква неточна информација која нема никаква не само научна туку ни логична поткрепа, всушност претставува отворено промовирање на етноцентризмот како начин на гледање на околината и мерење на сопственото место во светот.

Кога постои етноцентризам сопствената заедница се доживува во центарот на сè и сè (јазикот, обичаите, историјата, однесувањето, религијата …) се вреднува споредено со неа. Сопствената заедница се доживува како најважна и некои (или сите) нејзини аспекти се сметаат за супериорни во однос на другите (кои и да се тие други).

 

Уникатност

Многу често во медиумите се избираат термини со кои се потенцира уникатноста, како на пример: „Јапонците нè препознаваат како библиска земја“, “Земјата кај што почнало христијанството“

Во написите или вестите со етноцентричен пристап авторот во голема мера се поистоветува со етничката и културната матрица на својата заедница и многу често не ги прифаќа другите етникуми и култури.

Овој вид написи, било во насловот или во содржината, промовираат чувство на  гордост, суетност, супериорност кога се работи за сопствената заедница, односно, на омаловажување па и навредување кога станува збор за друга етничка заедница (посебно доколку е тоа етничка заедница во моментот идентификувана како непријателска). На пример, под насловот: „Грците повторно на колена пред Македонија“, всушност се крие содржина за кошаркарски натпревар во кој тимот на Македонија извојувал победа со 2 коша разлика.

Етноцентричноста на некој напис може да се идентификува преку начинот на кој се претставуваат економските, политичките и социјалните настани. Глорификацијата на постигнувањата на својата заедница дадена низ омаловажување на другите или занемарување на контекстот и можните спротивни информации, може да индицира постоење на етноцентричен пристап на авторот.

 

Глорификација

Етноцентризмот во македонските медиуми може посебно да се идентификува во текстовите со кои се глорификуваат постигнувањата на сопствената заедница/народ/држава. Потребата да се биде најдобар, односно, да се задоволат етноцентристичките барања, се манифестира во истакнувањето на достигнувањата на начин кој или ги омаловажува другите или го затскрива контекстот во кој се случуваат.

Во написот „Македонија на високото 37 место меѓу 141 земја“ не се дадени подробности за елементите на рангирањето или, пак, повеќе информации за тој кој го направил рангирањето, туку единствено се користи тон на глорификација:

 На листата на престижниот Форбс од земјите во регионот пред нашата држава е само Словенија, која е позиционирана на 23 место, а зад нас се сите останати: Црна Гора на 45, Хрватска на 47, Босна и Херцеговина на 85, а Србија на најниското 90 место.

Во написот нема анализа на севкупниот економски контекст во кој треба да се смести ова рангирање, ниту, пак, компаративна споредба со евентуалните резултати, односно, влијанието врз глобалното живеење во Македонија.

 

Супериорност

Во голем број случаи, дел од медиумите ги прикажуваат информациите поврзани со Македонија на начин кој прави несоодветна споредба. На пример, под насловот „Македонија ја добива битката со невработеноста, за разлика од другите земји“ се истакнува дека:

За разлика од земјите во регионот каде стапката на невработеност се зголемува, во Македонија има обратен процес. Она што е најважно е што стапката на невработеност се намалува во услови на економска криза кога невработеноста расте не само во регионот, туку и во сите европски земји. Ова го потврдуваат и анализите кои деновиве се појавија во медиумите врз основа на податоците од статистика, според кои Република Македонија бележи раст на стапката на вработеност од 2006 година до денес.

Покрај отсуството на вистинска анализа на контекстот за кој станува збор и за проблемите во мерењето на невработеноста, останува етноцентричниот пристап кој ја издигнува Македонија на пиедестал на држава/економија која е подобра од земјите во околината. За да се постигне оваа цел во написот не се спомнуваат стапките на невработеност во истите тие земји, а кои се без исклучок под онаа на Македонија (Романија 7.5%Словенија 10.2%, Бугарија 13.1%, Хрватска 17.2%).

 

Исправност

На етноцентричност може да се посомневаме и кога во одредена медиумска информација/текст активностите на својата заедница  се прикажуваат како „исправни“ и „нормални“, додека активностите на другите култури се прикажуваат како „погрешни“ и „неприродни,“ дури и тогаш кога станува збор за многу слични по својот карактер активности.  Како пример може да се земат написите кои се однесуваат на проблемите поврзани со изградбата на џамија во селото Горна Белица и проблемите поврзани со изградба на црква во селото Октиси, кои се дури и споени во еден заеднички напис. Во написите е очигледно заземањето на страна во спорот. Етноцентричниот пристап може да се избегне со анализирање на корените на ситуацијата, развојот кој довел до ваков резултат и со споредби на повеќе случаи. Доколку целта не е разгорување на етнички базирано нетрпение, тогаш информацијата се дава на начин кој подразбира постоење на решение.

Етноцентризмот вообичаено води кон тензии и раѓа извртени перцепции. Оваа карактеристика на етноцентризмот е посебно значајна кога станува збор за медиумите кои можат да станат моќни дистрибутери на овие и вака искривени перцепции.

Извртувањето на перцепциите може да се манифестира како:

  • пристрасност кон себе = „ние“ сме заслужни за добрите дела и не сме одговорни за лошите;
  • интергрупна пристрасност = „ние“ правиме добри дела затоа што сме добри, а лоши дела само кога сме принудени; „тие“ прават добри дела само кога се принудени, а лоши дела затоа што се лоши или,
  • како перцепција во огледало = кога правиме нешто, „ние“ сме морални и добри, а кога истото го прават другите,  „тие“ се неморални и лоши.

 

Ние и тие

Многу интересен е примерот со различното толкување и вреднување на двојазичноста (кога станува збор за употребата на македонскиот јазик од страна на припадници на етничка заедница на Македонци во некоја друга држава и употребата на јазик на припадници на етничка заедница во Македонија. На пример, под насловот

„Двојазичноста стихијно излегува од рамката“, новинарот ја критикува практиката на министрите – припадници на малцински етнички заедници во Република Македонија, да ги преведуваат на албански јазик таблите со официјалните имиња, а интернет страниците да ги изработуваат и во верзија на албански јазик. Авторот на текстот се прашува:

Се турка ли целосна двојазичност во Македонија и кој го прави тоа? Дали Уставот и Законот за службена употреба на јазиците на етничките заедници дозволуваат и ги изедначуваат македонскиот и албанскиот јазик како јазик на заедницата чии припадници имаат над 20 отсто од целокупното население?

Уште позаканувачки е поставено прашањето на интернет порталот „Фаланга“, каде што под насловот: „Во Западна Македонија сè повеќе се чувствува реафирмација на проектот за Голема Албанија“  се истакнува:

Дека се случува целосна Албанизација покажуваат и топонимите на албански јазик како и имињата на села со претежно албанско население.

Од друга страна, можат да се проследат текстовите поврзани со промената на топонимите во Пустец.

Под насловот „Победа за Македонците во Албанија – ќе се вратат македонските имиња во општина Пустец“, стои дека:

Законот на албанскиот Парламент од 18 март 2013 година, со кој се врати македонското име на општина Пустец, го отвори патот да Советот на општина Пустец ги врати имињата на селата кој се албанизирани во  1973 година од страна на тогашниот комунистички парламент на Албанија.

Во случајов е очигледно постоењето на извртена перцепција според која тогаш кога „ние“ правиме нешто тоа е добро и исправно, а тогаш кога „тие“ го прават истото тоа, тоа е опасно и заканувачко.

Во македонските медиуми е честа појавата на ваков вид мисперцепции, и кога се работи за двојазичност (покрај македонскиот стои и албански текст) и кога се работи за замена на македонскиот со албански јазик, а што нужно води кон создавање или подигање  на анимозитетот кон друга етничка заедница и е многу силен индикатор за етноцентристички начин на гледање на работите и известување од страна на медиумите.

(вториот дел од анализата ќе биде објавен идната недела)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење